Браќа родени како тројка биле разделени во различни семејства за суров експеримент: „Бевме лабораториски глувци, а не луѓе“
Дури на 19-годишна возраст, Едвард, Дејвид и Роберт сфатиле дека се идентична тројка посвоена од три потполно различни семејства. Но, подоцна откриле дека биле разделени намерно, како дел од суров социјален експеримент со цел да се набљудува нивниот развој во различна околина на растење.
Едвард Галанд, Дејвид Келман и Роберт Шафран се браќа, односно идентична тројка, но биле разделени уште пред да наполнат една година бидејќи биле посвоени од различни семејства.
Цели 19 години тие не биле свесни за ова, за подоцна да откријат дека биле разделени поради контроверзен социјален експеримент.
Тројцата браќа биле посвоени од семејства од различни класи, сè со цел да се утврди дали три лица кои се генетички идентични би постигнале ист или различен успех во животот, во зависност од околината во којашто пораснале.
Ни семејствата што ги посвоиле тројцата браќа не биле свесни за суровиот експеримент од којшто биле дел.
Едвард, Дејвид и Роберт биле родени во 1961 година и веднаш биле однесени во дом за сираци.
На 6-месечна возраст, тие биле посвоени од три различни семејства. Едното дете било посвоено од семејство од работничка класа, второто од семејство од средна класа, а третото било дадено во богато семејство.
Во 1980 година, кога имал 19 години, Роберт се запишал на колеџ во Њујорк и бил зачуден кога многу луѓе што првпат ги гледал го нарекувале Едвард (или Еди) и се однесувале како да го познаваат.
Роберт сфатил дека постои личност со име Едвард која изглед потполно исто како него, и по некое време се запознале.
Двајцата сфатиле дека се родени на ист датум, како и дека се посвоени, па заклучиле дека се близнаци.
Нивната приказна станала хит во САД благодарение на американските медиуми, а по неколку месеци допрела и до Дејвид Келман.
Кога Дејвид видел фотографии од Роберт и Едвард, сфатил дека изгледаат потполно исто како него, а уште повеќе го зачудил фактот што и тој бил роден на истиот датум и бил посвоен.
Дејвид стапил во контакт со Роберт и Едвард и на тројцата им станало јасно дека се всушност тројка.
Браќата биле пресреќни што се нашле едни со други и извесен период биле сензација во САД. Почнале да се појавуваат во популарни американски емисии, а потоа и почнале да живеат заедно и отвориле ресторан.
Сепак, кога ги посвојувале, нивните родители не добиле информација дека се тројка, па по откритието решиле да се обратат кај агенцијата за посвојување.
Од агенцијата им рекле дека браќата биле разделени бидејќи било невозможно тројцата да бидат посвоени од исто семејство.
Дури во 1994 година тројцата браќа сфатиле дека се дел од суров социјален експеримент. Тој период се појавиле други луѓе кои биле посвоени преку истата агенција и откриле дека имале близнак од кого биле разделени.
Агенцијата – Louise Wise Adoption Agency – соработувала со неколку научници под водство на доктор Питер Неубауер, кои сакале да откријат како би се развивале идентични близнаци ако се разделени и воспитани од потполно различни семејства.
Поради ова, тие разделувале близнаци, што значи дека случајот со тројцата браќа не бил единствениот.
За целите на истражувањето, Роберт бил даден на посвојување кај богат пар адвокати, Едвард бил посвоен од пар наставници од средна класа, додека Дејвид бил посвоен од посиромашни имигранти.
Резултатите од контроверзното истражување никогаш не биле објавени, но постојат шпекулации дека научниците, меѓу другото, се фокусирале и на наследувањето на менталните болести.
Секој од тројцата браќа имал проблеми со менталното здравје, особено во тинејџерските години, а во детството сите биле посетувани од авторот на истражувањето.
На родителите, овие посети им биле објаснети како рутински проверки од агенцијата за посвојување, па тие не се ни посомневале дека се случува нешто друго.
Состојбата на едниот од браќата, Едвард, не се подобрила и тој страдал од депресија. За жал, во 1995 година, на само 34-годишна возраст, тој си го одзел животот.
Ова дополнително ги разгневило браќата бидејќи истражувачите го набљудувале нивното здравје, но не презеле ништо за да му ја подобрат состојбата на Едвард.
„Оние кои нè проучуваа забележаа дека има проблем. И, можеа да помогнат. За тоа сме најгневни. Можеа да помогнат, а не го направија тоа“, изјави Дејвид во интервју за New York Post по трагичната смрт на брат му.
Според новинар на New Yorker кој го истражувал случајот, Питер Неубауер работел на контроверзното истражување уште од 1950-тите, па не може со сигурност да се знае колку близнаци биле разделени само за неговите научни цели.
По шокантното откритие и смртта на брат им, односот на Дејвид и Роберт се заладил, но наводно сега успеале да го подобрат.
Денес Роберт е адвокат и живее во Њујорк, а има и две деца со сопругата.
Дејвид продава животно и здравствено осигурување во Њу Џерси и, исто како брат му, има две деца.
Сепак, браќата до денес не можат да се помират со фактот дека биле дел од суров експеримент.
„Ние сме жртви. Сега кога сме возрасни, не сакам да зборувам дека сме многу повредени луѓе – имаме семејства, имаме деца и сме релативно нормални личности.
Но, нè третираа како лабораториски стаорци. Ништо повеќе. А, ние сме човечки битија“, изјави Роберт за LA Times.
За трогателната приказна на тројцата браќа е снимен и документарец – Three Identical Strangers – во кој можете да погледнете стари снимки од браќата, како и интервјуа.
Трејлерот за документарецот во продолжение:
Спирова С. | Црнобело