Го украле вонземјани, терористички напад – (луди) теории за исчезнувањето на летот 370 на Malаysia Airlines
Една од теориите кои се споделуваа најмногу е киднапирање. Односно, некои веруваат дека авионот и патниците биле киднапирани, а пилотите биле присилени да го слетаат авионот на далечен остров. Сепак, засега нема ниту една криминална група која би можела да биде осомничена.
Постои верување и дека можеби станува збор за терористички напад. Некои мислат дека авионот бил нападнат од бомбаш самоубиец.
Други веруваат дека терористите ги натерале пилотите да го слетаат авионот во Авганистан, а дека патниците и екипажот се заложници.
Но, нема докази ни дека станува збор за терористички напад.
На Редит, пак, се прослави теоријата дека, од некоја причина, авионот бил нападнат од Северна Кореја.
Постои и теорија дека патниците и екипажот останале без кислород и изгубиле свест. Во овој случај, авионот би летал со автопилот, а се срушил кога останал без гориво.
Според друга верзија од истата теорија, само пилотот бил свесен и бидејќи имал суицидни мисли, ги исклучил системите за комуникација и намерно го срушил авионот во океанот.
Сепак, според официјален документ, целиот екипаж бил во добра психичка состојба и ниту еден од нив не покажувал знаци на депресија, уште помалку суицидни мисли.
Пилотот Патрик Смит верува дека сосема возможно е на авионот да избувнал електричен пожар, а поради чадот сите да изгубиле свест. По ова авионот летал на автопилот додека не му се истрошило горивото.
Но, неколку други пилоти ја побија оваа теорија, тврдејќи дека не е возможно авионот да лета неколку часови на автопилот, и тоа со пожар внатре.
Додека дел од овие теории имаат смисла, постојат и некои навистина луди.
Според една теорија на заговор, авионот бил киднапиран за органите на патниците. На авионот имало 153 Кинези, а токму тие биле метата на трговците со органи.
Некои подржувачи на теоријата тврдат дека имаат докази дека исчезнувањето на авионот е директно поврзано со трговијата со органи во Кина, но досега ги немаат споделено со јавноста.
Во колумна во магазинот New York беше споделена хипотеза дека авионот бил нападнат од руски специјалци. Поддржувачите на оваа теорија се убедени дека Владимир Путин знае каде е авионот и што се случило со него.
Некои шпекулираат дека иако авионот се сруши, патниците се живи, само не можат да допрат до контакт со остатокот од светот.
Се верува и дека некој успеал да ја скрие вистинската локација на авионот од радарите и, поради некоја причина, го натерал пилотот да го слета авионот на скришно место.
Постои и верување дека авионот е срушен од војската на САД, бидејќи, наводно, летот бил камикаѕе мисија.
Нормално, овде се и теориите со натприродни елементи.
На Редит се прославија теориите на заговор дека авионот е украден од вонземјани или дека се вратил назад во времето преку црна дупка.
Сепак, повеќето експерти се согласуваат дека авионот најверојатно се срушил во Индискиот Океан, само што е тешко да се утврди неговата локација.
За надлежните, пронајдените остатоци на брегот на Африка се доволен доказ дека авионот навистина е срушен, само веројатно никогаш нема да дознаеме каде е, ниту зошто ја променил својата насока.
Спирова С. | Црнобело