Имал поголемо богатство и од Илон Маск - Кој бил најбогатиот човек што некогаш живеел на земјата?
Богатството го изградил од трговија со злато, сол и слонова коска, а се верува дека за 3 месеци потрошил толку многу злато во Каиро, што Египет и 10 години подоцна бил преплавен со неговите златници – Кој бил најбогатиот човек што некогаш живеел на Земјата?
Денес се знае дека Џеф Безос и Илон Маск се двајцата најбогати луѓе на светот, кои освен што се натпреваруваат со милијардите на нивните сметки, во трка се и за освојување на вселената, но според историските истражувања, нивното богатство не е ниту приближно до она што го имал најбогатиот човек што некогаш живеел на Земјата.
Се знае дека основачот на „Амазон“, Џеф Безос „тежи“ околу 108,5 милијарди долари, а основачот на „Тесла“ Илон Маск на својата сметка во 2022-ра година има 146,5 милијарди долари, но нивното богатство е неколкупати помало од она што го поседувал најбогатиот човек на Земјата.
Според историчарите, африканскиот крал на Мали, Манса Муса, кој живеел во 14-иот век од новата ера е човекот што бил најбогатиот жител во историјата. Неговата приказна била обработена во National Geographic, а сторија за него напиша и BBC.
Богатството го заработил од трговија со злато, сол и слонова коска, а некои историчари се обиделе да направат груба проценка и веруваат дека тој имал околу 400 до 500 милијарди долари (денешна вредност). Според други, пак, богатството на Манса Муса е непроценливо.
Манса на локалниот јазик значи „султан“, а неговото вистинско име било Муса Кеита и тој бил роден во 1280-та година.
На власт дошол во 1312-та година, откако неговиот брат абдицирал од тронот за да оди на експедиција на море.
Се верува дека во периодот додека Манса Муса бил на власт, Мали бил најголем производител на злато, а земјата била извозник на сол и слонова коска што довело до тоа милијардите во касата на султанот да се трупаат.
Манса бил и добар освојувач, па успеал значително да го зголеми своето царство кое во тоа време се протегало од Атланскиот Океан до територијата на денешна Нигерија.
Како посветен муслиман, Муса заминал на аџилак во Мека, а со него носел вкупно 60.000 луѓе, кои биле дел од неговата придружба (претставници на кралството, јавачи на камили и робови). Денес тоа патување се нарекува „најлуксузниот аџилак на сите времиња“.
Се вели дека за време на своето патување, додека престојувал во Каиро околу 3 месеци, потрошил толку многу златници што успеал да остави трајни последици во економијата, што се чувствувале и 10 години подоцна.
По неговата смрт во 1337-ма година, власта ја преземале неговите синови кои не можеле да се договорат, по што кралството било поделено на помали држави и империјата била срушена.
Б. С. Б. | Црнобело