Мајката што ја посвоила ја камшикувала и сечела со ножици – потресната приказна на Мери Елен поради која постојат закони за заштита на деца
Како некој кој се соочил со сексуално, физичко и ментално злоставување во детството во Велес, секогаш се трудам да прочитам нешто повеќе на таа тема. Во последно време почнав да истражувам историски записи за ваквиот вид злоставување и налетав на случај од 19 век, во кој фокална точка е малата Мери Елен Вилсон. Таа била вдомена од страна на насилно семејство во Њујорк, а нејзината приказна ги инспирирала активистите за правата на животните да се залагаат за формирање на првите закони за заштита на децата во американската историја.
Мери Елен Вилсон била родена во 1864 година. Нејзиниот татко загинал во Граѓанската војна пред нејзиниот втор роденден, а мајка ѝ - Френсис Вилсон - морала да се вработи за да ја издржува.
Мајка ѝ најмила жена да ја чува младата Мери Елен, за таа да може да работи во двојни смени.
Кога мајка ѝ не можела да ѝ плати, жената што ја чувала го предала детето на Одделот за добротворни цели во Њујорк.
На тој начин, Мери Елен Вилсон завршила во згрижувачкиот систем. И, тоа бил почетокот на долгогодишното злоставување.
Според American Heritage, во следните шест години, Мери Елен живеела со Френсис и Мери Коноли.
„Мојот кревет навечер е само едно парче тепих, испружено на подот под прозорецот. Имав само еден пар чевли, но не можам да се сетам кога беше тоа“, сведочела Мери Елен на суд.
Детето живеело целосно отсечено од светот.
„Никогаш не ми е дозволено да играм со ниту едно дете. Не знам ни колку години имам“, признала таа.
Лузни и модринки од физичкото малтретирање што го трпело малото девојче
Шест години, Мери Елен трпела физичко и емоционално злоставување.
„Не се сеќавам дека некогаш сум била бакната. Не се сеќавам дека некогаш сум си играла на улица“, изјавила таа.
Мајката која ја посвоила постојано ја заклучувала Мери Елен во плакарот и злобно ја камшикувала.
„Мама имаше навика да ме камшикува и тепа речиси секој ден. Ме камшикуваше со извиткан камшик, сурова кожа. Камшикот секогаш оставаше црни и сини траги на моето тело“.
Мери Елен, исто така, објаснила како нејзината посвоителка ја сечела со ножици – и поради тоа таа имала истакната лузна на лицето.
Куќата во којашто била затворена Мери Елен
Но, сè се променило кога една загрижена сосетка почнала да забележува дека нешто чудно се случува. Ужасната од злоставувањето и тоа што го видела, сосетката Ета Вилер отишла во полиција.
За жал, тогаш немало закони против тепање деца - родителите сè уште имале практично апсолутна власт да ги дисциплинираат своите деца дома, како сакаат и како умеат.
Ета Вилер се обратила до основачот на Американското друштво за спречување суровост кон животни. Со петицијата во име на Мери Елен, нејзините поддржувачи, нејзината сосетка и Американското друштво за спречување суровост кон животни, побарале од судијата да го отстрани детето од нејзиниот дом.
Судијата се согласил и на тој начин започнало првото судење за злоупотреба на деца во историјата на САД.
На 9 април 1874 година, полицијата ја зела Мери Елен Вилсон од домот и ја донела на суд. Бидејќи Мери Елен имала само искината облека, таа влегла во судот носејќи само ќебе.
Репортерот Џејкоб Рис ја опишал сцената:
„Видов дете… глетка од која мажите плачеа гласно, и ја слушнав приказната за малата Мери Елен која ја разбранува душата на еден град и ја разбуди совеста на светот кој беше заборавен.
И, додека гледав, знаев дека сум таму каде што се пишува првото поглавје за правата на децата“.
За време на судењето, Мери Елен сведочела против Мери Коноли. Коноли се бранела тврдејќи дека другите „не знаат за тешкотиите на воспитувањето и управувањето со децата“.
Поротата расправала само 20 минути пред да ја прогласи Коноли за виновна и да ја испрати во затвор.
Мери Елен откако била спасена
По судењето, сосетката Ета Вилер дури и ја посвоила Мери Елен Вилсон и двете се преселиле во предградието Рочестер.
„Овде започна нов живот. Детето беше интересна студија, толку долго затворено во четири ѕида и сега во нов свет...
Но, во овој дом имаше и други деца. Ја научија да игра, да не се плаши, да ги знае своите права и да ги бара тие права“, напишала Ета.
Случајот на Мери Елен инспирираше да се основа Њујоршкото друштво за спречување суровост кон деца во декември 1874 година. Во текот на следната година, Друштвото ќе истражи над 300 случаи на злоупотреба на деца.
Како возрасна, Мери Елен Вилсон ветила дека на своите деца ќе им го даде детството што никогаш го немала. Одгледала две ќерки, три посиноци и една посвоена ќерка.
На тој начин, иако нејзиниот почеток бил тежок, сепак животот ѝ дал многу благодати во младоста, зрелоста и староста.
Иако денес ситуацијата е сменета и не е како во 19 век, сепак мораме да сфатиме дека има уште многу да се работи. Посебно на Балканот.
Има многу скриени случаи, стигма, табу. Не се зборува доволно и не се разговара за ова.
Нека овој случај ни е поттик да можеме да говориме за сè што имаме преживеано; за да не се случува повторно, за да не се повторува.
К. А. | Црнобело