6 графикони кои ќе ве натераат да сфатите како го „трошиме“ животот – најмногу време поминуваме сами, најмалку со саканите
Треба да ги цениме миговите со родителите и семејството, бидејќи со нив минуваме најмалку време – која е суровата реалност што ја прикажуваат податоците од Our World in Data, но и која животна поука можеме да ја извлечеме од нив?
Неодамна, твитерџијата Сахил Блум, кој е познат по мотивирачките објави на Твитер, сподели неколку графикони кои покажуваат со кого минуваме најголем дел од времето, во зависност од нашата возраст.
Односно, графиконите прикажуваат колку време од животот минуваме со пријателите, семејството, партнерот, децата, колегите, зависно од периодот во животот…
За само неколку денови, неговата објава стана вирална и податоците почнаа да се споделуваат низ целиот свет, на сите социјални мрежи.
Графиконите се изработени од American Time Use Survey и Our World in Data и, како што истакнува самиот Сахил, податоците можеби варираат од земја до земја, но сепак прикажуваат по малку тажна реалност.
Односно, постепено почнуваме да поминуваме сè помалку време со семејството и пријателите, за во староста најчесто да бидеме сами.
Во продолжение шесте графикони и поуката што можеме да ја извлечеме од нив:
Време поминато со семејството
Детството е периодот кога минуваме најмногу време со родителите и семејството. Потоа, околу 20-тиот роденден, ова време драстично се намалува.
Ова ни покажува дека времето што го имаме со родителите, браќата и сестрите е многу ограничено.
Време поминато со пријателите
Со пријателите минуваме најмногу време околу 18-тиот роденден. Потоа, поради бројните обврски, времето поминато со нив драстично се намалува.
Според ова, важно е да изградиме цврсти пријателства со личности кои нè прифаќаат онакви какви што сме.
Време поминато со партнерот
Според графиконот, откако ќе станеме возрасни, најголемиот дел од времето ќе го минуваме со партнерот.
Ова значи дека е навистина важно да ја најдеме вистинската личност за нас. Да најдеме партнер во чие друштво ќе уживаме, но и партнер кој ќе биде овде за нас.
Време поминато со децата
Луѓето минуваат најмногу време со нивните деца додека тие сè уште се мали. Што значи, овој период трае навистина кратко.
Секој што има возрасни деца многу добро знае дека „времето лета“, па ценете го секој миг со вашите деца и бидете што е можно поприсутни во нивниот живот.
Време поминато со колегите
Очекувано, додека сме работоспособни, значително голем дел од времето минуваме со колегите.
Па, доколку можете, потрудете се да најдете работно место коешто ќе го сакате и колеги кои нема да ви предизвикуваат дополнителни стресови и ќе внесат позитивна енергија во вашиот живот.
Време што го минуваме сами
Со годините, сè повеќе време поминуваме сами, а најмногу ќе бидеме сами во староста.
Ова можеби звучи депресивно, но е многу добар потсетник да научиме да уживаме во нашето друштво.
Научете да ја цените самотијата, најдете начин да се справувате со здодевноста и пробајте вистински да уживате во вашето друштво.
Во својата објава, твитерџијата Сахил многу добро ги сумира податоците од графиконите:
1. Времето со семејство е ограничено – ценете го.
2. Времето со пријателите е ограничено – приоритет нека ви бидат вистинските пријатели.
3. Поминуваме многу време со партнерот – не се помирувајте со партнер кој не е добар за вас.
4. Времето со децата е скапоцено – бидете присутни во нивните животи.
5. Поминуваме многу време со колегите – најдете колеги кои шират позитивна енергија.
6. Најмногу време поминуваме сами – научете да се сакате себеси.
Спирова С. | Црнобело