Вечерва почнува зимското сметање на времето: Како влијае врз луѓето и како да се адаптирате полесно?
Ноќта кога почнува зимското сметање на времето, добиваме еден час повеќе за спиење. Но, долгорочно, оваа промена може да ни предизвика проблеми, најмногу бидејќи повеќето треба да се будиме додека е уште темно, а се враќаме од работа повторно во темница.
На 27-ми октомври почнува зимското сметање на времето.
Во 3 часот по полноќ, стрелките на часовникот ќе се вратат еден час назад.
Идејата зад зимското сметање на времето е максимално да се искористи дневната светлина во зимските месеци.
Но, веќе неколку години се дебатира за негативното влијание од промената на времето, а некои држави веќе и ја укинаа.
Според истражувањата, изгледа дека менувањето на времето не само што може да има влијание врз сонот, туку и врз расположението, концентрацијата, па дури и апетитот.
Што велат експертите за овие влијанија и како подобро да се адаптирате на промената?
Нашиот внатрешен часовник е поврзан со сончевата светлина
Нашиот внатрешен часовник, односно 24-часовниот биолошки ритам кој регулира сон, апетит и слично, е под влијание на сончевата светлина.
Според доктор од Медицинскиот факултет на Џон Хопкинс во САД, кај сите цицачи, вклучувајќи ги и луѓето, најсилниот сигнал што го добива биолошкиот ритам е токму светлината.
„Светлината се прима преку фотосензитивни клетки кои испраќаат сигнали до други области во хипоталамусот, со цел да се регулира тајмингот на разните системи во нашето тело.
Ова вклучува лачење на одредени хормони, чувство на глад, како и кога да спиеме или да се разбудиме...
Светлината е еден фактор кој има влијание врз нашиот внатрешен часовник – друг фактор се гените кои, пак, одредуваат дали ќе бидеме ’ноќни птици‘ или утрински личности“.
Светлината го стимулира организмот да се разбуди, додека темницата го поттикнува лачењето на мелатонин, познат и како хормонот на спиење.
Па, кога ќе се промени времето и одеднаш ќе почне да се стемнува порано, можно е да се чувствуваме уморно и поспано долго пред да ни дојде времето за спиење.
И промената на годишните времиња има влијание врз телото
Во зима има помалку сонце во текот на денот, што се одразува и на физичкото, и на менталното здравје.
Физичките симптоми што може да се јават во постудените месеци се замор, поголема потреба за спиење, недостаток од витамин Д…
Психичките симптоми вклучуваат поизразени чувства на тага, но и влошување на симптомите на луѓе кои имаат проблеми со менталното здравје, како депресија.
„Зимата е период кога имаме помалку дневна светлина, а и минуваме помалку време на отворено поради што сме изложени на помалку сонце.
Ова може да влијае врз биолошкиот ритам и да предизвика низа симптоми“, вели докторка од Медицинскиот факултет на Јејл.
Поради зимското сметање на времето, дел од овие промени можат да станат и поизразени.
Сите различно реагираат на поместувањето на стрелките на часовникот
Интересно е што кога почнува зимското сметање на времето, некои луѓе ќе се чувствуваат полошо, но некои подобро.
На пример, кога почнува зимското сметање на времето, добиваме еден час повеќе за спиење, што може да им овозможи на луѓето да се одморат подобро.
Но, главно, за повеќето луѓе попроблематично е летното сметање на времето.
Некои истражувања покажале дека кога почнува летното сметање на времето и губиме еден час спиење, следното утро има повеќе сообраќајки отколку кога почнува зимското сметање.
Сепак, кај зимското сметање на времето поизразени се промените во расположението.
На пример, кога ќе се вратите од работа и надвор е веќе темно, помала е веројатноста да излезете некаде или да правите нешто забавно, што се одразува на вашето расположение.
Можно е и повеќе да се изолирате, што исто така има влијание врз расположението и психичката состојба.
Како полесно да се адаптирате на промената на времето?
Ако не го ни чувствувате менувањето на времето, не мора премногу да размислувате за тоа.
Но, доколку сепак забележувате ефекти, постојат трикови што ќе ви помогнат.
Додека сте на работа, пробајте да ја искористите паузата за ручек надвор, на дневна светлина.
За викенди и слободни денови, пак, потрудете се да поминете барем еден час на дневна светлина.
Во консултација со лекар, можете да земате и витамин Д како додаток во исхраната.
Наутро препорачливо е да станувате порано – бидејќи ќе биде многу темно и ќе нема сончева светлина, ќе ви треба повеќе време да се расоните. Ова е особено важно ако возите до работното место.
Исто така, потрудете се да спиете седум часа секоја ноќ, без разлика дали е лето или зима.
Спирова С. | Црнобело