Мајка ѝ ја држела затворена 25 години и ја изгладнувала за да не се венча: Трагичната судбина на Бланш Мониер

„Несреќната жена лежеше потполно гола на скапан душек од слама. Околу неа имаше некаква кора формирана од измет и остатоци од расипана храна… Реата беше толку силна, што беше невозможно да останеме подолго и да продолжиме со нашата истрага“, напишал еден од полицајците кои ја спасиле Бланш од куќата на нејзината мајка. 

majka-ja-drzhela-zatvorena-25-godini-i-ja-izgladnuvala-za-da-ne-se-vencha-tragichnata-sudbina-na-blansh-monier-01.jpg

Бланш Мониер била млада девојка од францускиот град Поатје. Таа била родена на 1-ви март 1849 година и потекнувала од старо богато семејство со многу добар углед.

Во младоста девојката била препознатлива по својата убавина и многу момчиња сакале да се венчаат со неа.

Во 1874 година кога имала 25 години, Бланш се вљубила во повозрасен адвокат и изразила желба да се венча со него.

Но, нејзината мајка не ја одобрувала оваа врска бидејќи сметала дека нејзината ќерка не смее да се венча со „сиромашен адвокат“ и со тоа да го наруши угледот на семејството. 

majka-ja-drzhela-zatvorena-25-godini-i-ja-izgladnuvala-za-da-ne-se-vencha-tragichnata-sudbina-na-blansh-monier-07.jpgБланш Мониер во младоста

Мајка ѝ пробала да ја одврати Бланш од намерата да се венча со адвокатот, но сите обиди се покажале неуспешни.

Набрзо потоа, Бланш исчезнала – никој од нејзините пријатели не знаел каде е. Тој период Бланш живеела со мајка ѝ и брат ѝ, кои се преправале дека тагуваат за неа.

Со текот на времето, градот ја заборавил Бланш, а во 1885 година починал и адвокатот во кој била вљубена. 

Дури во 1901-ва, околу 25 години подоцна, се дознало дека целиот овој период Бланш била присилно затворена во соба во нејзината куќа.

majka-ja-drzhela-zatvorena-25-godini-i-ja-izgladnuvala-za-da-ne-se-vencha-tragichnata-sudbina-na-blansh-monier-06.jpgСпоред некои извори, ова е куќата во која била затворена Бланш

Кога нејзината мајка не можела да ја одврати од намерата да се венча со адвокатот, ја затворила Бланш во мало сопче во нивниот дом и не ѝ дозволила да го напушти цели 25 години и 2 месеца.

Веројатно никој никогаш не би помислил да ја побара Бланш во нејзиниот дом, доколу полицијата не добиела писмо од анонимен испраќач:

„Имам чест да ве известам за многу сериозна ситуација. Зборувам за жена која е затворена во куќата на мадам Мониер, изгладнета, и која живее во нечистотија изминативе 25 години – со други зборови, живее во нејзиниот отпад“.

majka-ja-drzhela-zatvorena-25-godini-i-ja-izgladnuvala-za-da-ne-se-vencha-tragichnata-sudbina-na-blansh-monier.jpgПисмото што го добила полицијата

Полицијата веднаш интервенирала и во куќата навистина ја пронашле Бланш која веќе имала 50 години.

Состојбата во којашто ја затекнале била ужасна – Бланш тежела едвај 25 килограми, собата била прекриена со расипана храна и измет, а на подот имало и многу инсекти.

„Несреќната жена лежеше потполно гола на скапан душек од слама. Околу неа имаше некаква кора формирана од измет, остатоци од месо, зеленчук риба и мувлосан леб… Видовме и остатоци од школки и бубачки кои се движеа по креветот на госпоѓица Мониер.

Воздухот беше задушлив, реата во собата беше толку силна, што беше невозможно да останеме подолго внатре и да продолжиме со нашата истрага“, напишал еден од полицајците кои ја нашле Бланш.

majka-ja-drzhela-zatvorena-25-godini-i-ja-izgladnuvala-za-da-ne-se-vencha-tragichnata-sudbina-na-blansh-monier-03.jpgБланш Мониер откако била пронајдена

За трагичната судбина на Бланш дознал целиот свет, а приказната ја споделил и весникот New York Times.

„Времето помина и Бланш повеќе не е млада. Адвокатот што го сакала умре во 1885 година. Во целиот тој период, девојката била затворена во соба, хранета со остатоци од масата на мајка ѝ – кога воопшто добивала храна.

Нејзиното единствено друштво биле стаорците кои се собирале да ги јадат тврдите остатоци што ги фрлала на подот. Ниту зрак светлина не влегувал во нејзината зандана и можеме само да го замислиме нејзиното страдање“, пишува во статијата.

majka-ja-drzhela-zatvorena-25-godini-i-ja-izgladnuvala-za-da-ne-se-vencha-tragichnata-sudbina-na-blansh-monier-02.jpgИсечкот од француски весник кој ја споделил приказната - Бланш е наречена „Осаменицата/осамената жена од Поатје“

Откако Бланш била пронајдена, полицијата веднаш ја уапсила мајка ѝ. Но, таа се разболела и умрела 15 дена подоцна. Според некои извори, пред смртта, толпа народ сакала да ја линчува.

Братот на Бланш, пак, добил 15-месечна казна затвор, но подоцна бил ослободен бидејќи „не учествувал во затворањето на Бланш“. Тој изјавил и дека Бланш немала забрана за излегување и седела затворена по своја волја.

Поради овие изјави, некои веруваат дека братот е личноста која го испратила анонимното писмо до полицијата.

majka-ja-drzhela-zatvorena-25-godini-i-ja-izgladnuvala-za-da-ne-se-vencha-tragichnata-sudbina-na-blansh-monier-05.jpgИсечок од германски весник кој ја претставува Бланш како „Живиот скелет од Поатје“

По спасувањето, Бланш била однесена во ментална установа. Поради тортурата што ја трпела, имала низа проблеми со менталното здравје, вклучувајќи анорексија и шизофренија.

Состојбата на Бланш никогаш не се подобрила и таа починала во 1913 година.

majka-ja-drzhela-zatvorena-25-godini-i-ja-izgladnuvala-za-da-ne-se-vencha-tragichnata-sudbina-na-blansh-monier-04.jpgБланш во 1901 година, откако била спасена 

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

10-те најлоши дадилки во историјата: Им биле доверени деца, а тие извршиле сурови убиства Бети Смити од САД имала само 20 години кога била прогласена за виновна за убиств...
„Се запознавме во суд додека чекавме да се разведеме и веќе 17 години сме заедно“: Неверојатни прика... „Сопругот сакаше да се разведеме по 7 години брак, а јас за да го испровоцирам, ...
Фото-компликација: Предмети кои се користеле со години (и се „изедени“ од времето) Ѓонот на нови наспроти ѓонот на стари чевли, нож кој бил острен безброј пати, ск...
Токсичната врска на Марија Калас и Аристотел Оназис: Ја изневерил со Џеки Кенеди, јавно ја понижувал Познатиот грчки богаташ ѝ бил најголемата љубов на оперската дива Марија Калас, ...
„Нема да се омажам за тебе“: 8 жени открија зошто ги одбиле своите партнери „Ме побара за сопруга и ми рече да си ставам тетоважа ‘приватна сопственост, заф...
Ретро кујнски апарати што нашите баби (веројатно) ги користеле Сте виделе ли миксер кој не работи на струја? А, сте виделе ли како изгледале не...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg