Како настанал првиот вибратор и дали навистина се користел за лекување на „женската хистерија“?
Вибраторот е најпопуларната секс-играчка, но знаевте ли дека најпрво се користел како медицинско помагало? Дури постои верување дека лекарите го користеле како помагало за лечење хистерија кај жените, но, дали е ова точно?
Постои верување дека во 19-тиот век, лекарите ги користеле вибраторите за да ги лекуваат жените од „хистерија“, но иако ова најверојатно не е точно, вибраторот сепак бил корисна алатка за медицинските лица.
Електричниот вибратор бил измислен во доцниот 19-ти век и се користел како медицински инструмент за намалување болка и други проблеми. Се верувало и дека вибрациите од вибраторот ги намалуваат брчките и ги средуваат дигестивните проблеми.
Кога првпат се појавил, вибраторот немал никаква сексуална конотација и производителите го рекламирале на лекари, а не жени.
Првите модели на вибратори брзо се прославиле помеѓу лекарите и тие ги користеле за лекување разни проблеми и кај мажи, и кај жени.
Околу 1900-тите, вибраторите почнале да се рекламираат и за јавноста, заедно со други електрични апарати. Најчесто биле претставувани како уреди кои ги намалуваат брчките и ја намалуваат главоболката.
Рекламите за вибраторите речиси целосно исчезнале во 1920-тите. Се верува дека причината за ова е бидејќи почнале да се појавуваат во порнографски списанија, па веќе станало јасно дека се секс-играчки, а не уред за убавина и подобрување на здравјето.
Се претпоставува и дека тој период лекарите сфатиле дека вибраторите сепак не се волшебен инструмент, па почнале да ги користат поретко.
Но, бидејќи веќе имало цела индустрија посветена на нивно производство, производителите самите почнале да ги претставуваат како секс-играчки.
Кога станува збор за лекувањето хистерија во 19-тиот век, идејата потекнува од историчката Рејчел Мејнс.
Во нејзината книга The Technology of Orgasm од 1998 година, таа вели дека во голема мера, вибраторите биле направени бидејќи на тогашните лекари им бил потребен уред со кој полесно ќе им прават масажа на жените во областа на гениталиите.
Според Рејчел, целта на оваа масажа била жената да постигне оргазам. Тогаш женскиот оргазам бил табу, па дури и бил нарекуван hysterical paroxysm, односно хистеричен пароксизам и се сметал за третман за „женска хистерија“.
Историчарката вели дека лекарите со векови го користеле оргазмот како лек за женска хистерија и воопшто не го гледале како сексуален чин. Истовремено, за нив ова била навистина тешка задача.
Па, го направиле вибраторот за да си ја олеснат работата.
Сепак, други историчари не се согласуваат со Рејчел Мејнс во нејзините тврдења дека оргазмот бил користен како лек за женска хистерија.
Всушност, многу историчари тврдат дека ова е искривување на вистината. Односно, можеби некои лекари го користеле оргазмот како лек, но тогаш тоа била многу, многу мала група и овој третман воопшто не бил широко прифатен.
Во 2018 година, двајца историчари објавија и научен труд во кој ги побиваат тврдењата на Рејчел, проверувајќи ги нејзините цитирани извори. Тие дошле до заклучок дека нема ниту еден доказ што ги поддржува тврдењата и изворите што Рејчел ги навела во нејзината книга.
Една од авторките на трудот, Хејли Либерман, вели дека во 19-тиот век лекарите многу добро знаеле што е женски оргазам, и покрај тоа што претставувал табу за јавноста.
Исто така, Хејли вели дека некогаш гинеколозите користеле стимулација со електрошокови за третирање силни менструални болки. Притоа, за сите гинеколози било важно при кој било третман, жената да не почувствува никаква сексуална возбуда.
Што значи, сигурно не користеле вибратори за масажа на гениталиите.
До 1960-тите, вибраторите веќе се продавале само како секс-играчки, а на пазарот почнале да се појавуваат и помодерни модели. Но сепак, уште се сметале за контроверзни.
Всушност и денес, многу години подоцна, вибраторите се табу-тема на многу места.
На пример, во Алабама, САД, постои забрана за рекламирање и продавање секс-играчки, вклучувајќи и вибратори.
Слична забрана има и во други земји, како Саудиска Арабија, Индија, Тајланд и Виетнам, каде што оние кои ќе го прекршат овој закон, можат да се соочат и со казна затвор.
Спирова С. | Црнобело