Полицијата ѝ вратила друго дете, ја затвориле во установа кога се побунила - потресната приказна што е инспирација за филмот Changeling
Знаевте ли дека филмот Changeling е направен според вистинска приказна? Неколку месеци откако исчезнал синот на Кристин Колинс, полицијата ѝ вратила друго дете, а кога пробала да докаже дека тоа не е нејзиниот син, била затворена во ментална установа.
Ако сте го изгледале филмот Changeling со Анџелина Џоли, тогаш сте добро запознати со бизарната приказна на главниот лик кој го глуми Анџелина Џоли.
Во филмот, Џоли глуми самохрана мајка од Лос Анџелес чие 9-годишно дете исчезнува.
Неколку месеци подоцна, полицијата ѝ кажува дека го нашле момчето живо. Со надеж дека ќе си ја подобрат репутацијата, од полицијата организираат јавно обединување на мајката и синот.
Но, штом го здогледува, мајката вели дека тоа не е нејзиното дете. Сепак, бидејќи момчето тврди дека е нејзиното дете и од полицијата ја притискаат да го однесе дома, таа се согласува.
Мајката сепак не може да се помири со ситуацијата, па прави сè што е во нејзина моќ за да докаже дека момчето не е нејзиниот син, но и за да го најде нејзиното вистинско дете.
Иако приказната во филмот изгледа премногу бизарно за да биде вистинита, сепак е инспирирана од вистински настан.
Во Лос Анџелес се случиле неколку киднапирања и убиства на мали момчиња помеѓу 1926 и 1928 година.
Убиствата биле извршени од страна на 19-годишниот Гордон Стјуарт Норткот, како и неговата мајка Сара Луис и неговиот внук Сенфорд Кларк.
Тие ги извршувале убиствата на нивната фарма, а полицијата претпоставила дека биле одговорни за смртта на дури 20 момчиња.
Гордон Стјуарт Норткот
Еден од најморничавите детали е тоа што полицајците и детективите не пронашле цели тела, туку само делови.
Случајот почнал да привлекува внимание во март 1928 година, кога исчезнал синот на Кристин Колинс – 9-годишниот Валтер Колинс.
Приказната на Кристин и Волтер Колинс е всушснот инспирација за филмот Changeling.
За исчезнувањето на Волтер слушнала целата држава, па полицијата во Лос Анџелес чувствувала огромен притисок од јавноста да го најде момчето.
Поради многуте неуспешни потраги, но и други скандали, полицијата се соочувала и со навистина лош публицитет, па решавањето на случајот било од голема важност за нејзината репутација.
Кристин Колинс
Цели пет месеци по исчезнувањето, во Илиноис било пронајдено момче кое тврдело дека е Волтер. Откако Кристин добила неколку писма и фотографии од момчето, ги покрила трошоците за тоа да биде донесено во Лос Анџелес.
Поради лошиот публицитет, од полицијата одлучиле обединувањето на мајката и синот да се одвива јавно.
Но, за време на средбата, Кристин изјавила дека тоа не е Волтер. Сепак, офицерот од полицијата ѝ рекол да го однесе дома и „да го проба неколку недели“, па потоа да размисли.
Немајќи што друго да прави, Кристин се согласила.
Кристин позира со момчето што ѝ го донела полицијата
Поминале три недели кога Кристин отишла во полициската станица за да разговара со офицерот. Повторно му рекла дека детето не е Волтер, а овојпат му покажала и картон од заболекар како доказ.
И покрај доказот, офицерот (без причина) ја затворил во ментална установа во Лос Анџелес.
Додека Кристин била во установата, офицерот го испрашувал момчето кое му кажало дека сепак не е Волтер. Момчето се викало Артур Хученс, имало 12 години и избегало од дома.
Волтер Колинс (лево) и момчето што се преправало (десно)
Додека се движело по автопатот, некој маж застанал и му рекол дека многу лични на исчезнатиот Волтер, па момчето добило идеја да оди во Лос Анџелес и да се преправа дека е Волтер.
Наводно, малото дете само сакало некако да стигне до Холивуд за да го запознае неговиот омилен актер и не ни било свесно за хаосот што го предизвикало.
10 дена по признанието на Артур Хученс, Кристин била ослободена и веднаш поднела тужба против полицијата во Лос Анџелес.
Во 1930 година ја добила тужбата, по што офицерот требало да ѝ исплати 10.800 долари, но никогаш не го направил тоа.
Во меѓувреме, тројцата убијци виновни за смртта на бројните момчиња биле фатени, а Кристин одново и одново ги слушала нивните сведоштва.
Прво тие кажале дека го киднапирале и Волтер.
Гордон Стјуарт Норткот во судница
Сепак, Кристин утврдила дека едниот од нив, Гордон Стјуарт Норткот, е луд и почнала да се надева дека можеби Волтер уште е жив.
Гордон бил осуден на смртна казна, а пред смртта ѝ испратил телеграма на Кристин. Во телеграмата ѝ рекол дека ќе ѝ ја каже вистината за Волтер, но само ако дојде да ја слушне во живо.
Непосредно пред неговата смрт, Кристин го посетила, а тој само ѝ рекол дека не знае ништо за нејзиното момче – не го видел и не го убил.
Кристин никогаш не изгубила надеж, но, за жал, никогаш не го пронашла Волтер.
Погледнете и Им исчезнал 4-годишниот син, но полицијата им вратила друго дете – мистериозната судбина на Боби Данбар
Спирова С. | Црнобело