„Се разделивме со свршеницата затоа што ми кажа дека сакала да биде домаќинка“
Дали жените што остануваат дома се мрзеливи или жртви? Еден млад човек предизвика дискусија на социјалната мрежа Reddit откако ја сподели својата приказна за тоа зошто се скарале со неговата свршеница.
„Мојата 9 години помлада свршеница ми рече дека сака да биде домаќинка, ѝ реков дека да имавме деца тоа ќе беше во ред, а вака сметам дека таа е мрзлива, по што одлучи да си замине“ – споделува еден човек на социјалната мрежа Reddit.
Тој откри дека има 42 години, а три години бил во врска со неговата 9 години помлада свршеница (33). Како што вели тој ѝ предложил брак пред еден месец, а додека разговарале за подготовките за свадбата следела ужасна караница, затоа што тој не се сложувал со нејзините планови за нивниот заеднички живот.
„Ме праша дали се сложувам со тоа да биде домаќинка. Во прв миг се насмевнав затоа што мислев дека се шегува, но таа беше мошне сериозна. Ми рече да не се смеам затоа што навистина сака да биде домаќинка. Ја прашав зошто, затоа што двајцата заработуваме доволно на работните места и дека нема да можеме да си го дозволиме моменталниот животен стил со само една плата. Таа рече дека јас заработувам многу повеќе (што е вистина, затоа што јас заработувам околу 40% повеќе) од неа и дека би можеле да живееме поскромно, па рече дека мошне размислувала и дека работењето од 9 до 17 не било за неа“ – вели тој.
По ова, тој го изразил сопственото несогласување, при што ѝ нагласил дека би можела да остане дома кога би имале деца, но дека не прифаќа да биде само домаќинка.
„По ова имавме мошне жестока караница. Таа ми рече дека јас би требало да ги поддржам нејзините соништа (иако таа не сакаше да открие што ќе прави по дома, иако ја прашав), а јас во нервозата ја прашав „од каде оваа идеја, твојот сон е да бидеш домаќинка? Твојот сон е да бидеш мрзлива?“ – вели тој и признава дека поради ова се чувствува неубаво.
По ова, свршеницата си заминала кај мајка ѝ и му рекла дека ќе разговараат кога тој ќе се смири. Како и да е, мажот на Reddit го сподели своето мислење за ова прашање:
„Не сакам да биде домаќинка, не сакам јас да бидам тој што ќе носи леб дома и не сакам да го поддржам овој нејзин ’сон‘ – сакам партнер во животот, а не да издржувам некого што не прави ништо продуктивно“ – вели тој.
Дел од коментарите се погрдни и ја осудуваат девојката, при што нагласуваат дека тој ќе мора да го намали сопствениот животен стандард за да ја издржува неа, но имаше и еден подолг коментар со поенти што ја оправдуваат девојката.
„Честопати партнерите што остануваат дома ги жртвуваат сопствените финансиски вредности.
На пример кариерно ориентираната жена што дава отказ за да биде домаќинка и мајка губи вредност како вработена колку повеќе останува надвор од работното место, особено ако се земе предвид колку брзо се развиваат вештините и практиките во модерното доба.
Тоа што остануваат дома значи дека нивната независност и можност да заработат се намалува, што е ризично. Ако се разведат, вработениот партнер има години искуство и потенцијал за заработка, а невработениот партнер тоа го нема“ – вели таа меѓу другото во коментарот.
Што мислите вие? Дали жените што остануваат дома за да бидат домаќинки се мрзеливи или се жртви?
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: depositphotos.com