Како континентите ги добиле своите имиња?
Сите знаеме да ги именуваме седумте континенти, но дали знаете од каде потекнуваат нивните имиња?
Иако дел од модерните имиња за континентите се користат од релативно поново време, може да биде навистина тешко да се утврди нивното потекло.
Поради ова, за потеклото на името на секој континент постојат по неколку теории кои, за жал, немаме како да ги потврдиме.
Овие теории се претпоставки на експерти – историчари, лингвисти, географи – па можеме да веруваме дека барем една од нив е точна.
Погледнете ги најпопуларните теории за настанокот на имињата на континентите:
Африка
Според една од најпопуларните теории, името „Африка“ потекнува од името на племе кое живеело во северниот дел на Тунис, а кое им го дале Римјаните. Имено, Римјаните ги нарекувале овие луѓе „Афри“, па оттаму и името „Африка“. Но, нема цврст доказ што ја потврдува теоријата.
Сепак, повеќето историчари се согласуваат дека Римјаните го користеле името „Африка“ за делови од Тунис и Северен Алжир, кое со текот на времето почнало да се користи и за целиот континент.
Истражувач од 16-тиот век, пак, сметал дека името потекнува од грчкиот збор „a-phrike“, што би можело да се преведе како „без студ“. Постои и мислење дека можеби Римјаните биле инспирирани од латинскиот збор за сончево или топло – „aprica“.
Дури во 16-тиот и 17-тиот век почнало да се користи само името Африка за континентот кој претходно бил нарекуван и Гвинеја, Либија или Етиопија. Не е познато зошто ова име било најпопуларно, но историчарите веруваат дека причината е тоа што тој период сите ги преферирале латинските имиња.
Постојат и многу други теории, а засега можеме само да претпоставуваме која е точна.
Антарктик
Според историчарите, името Антарктик потекнува од грчкиот збор „antarktiké“, што може да се преведе како „спротивно од северот“.
Во 350 година п.н.е. Аристотел пишувал за „Антарктички регион“ – име што наводно подоцна било искористено од картограф во 2-иот век од нашата ера, но денес оваа карта на светот не е зачувана.
Долго време континентот бил нарекуван и „Terra Australis“ (Јужна земја), а извесен период во 19-тиот век, Антарктикот немал никакво име.
Тој период неофицијално се користеле имиња како „Антарктички континент“, а дури во 1890-тите шкотскиот картограф Џон Џорџ Бартоломеј го искористил името Антакртик кое си останало до денес.
Азија
Можеби веќе претпоставувате дека и името на овој континент има грчки корени. Се верува дека името првпат го искористил Херодот, и тоа за Анадолија или Персиската Империја.
Наводно, најпрво името се користело за источниот брег на Егејското Море, област која се нарекувала и Assuwa. Но подоцна древните Грци почнале да го користат „Азија“ за целиот регион што денес го нарекуваме Анадолија.
Со текот на времето името почнало да се користи за целиот континент, а Анадолија почнала да се нарекува Мала Азија.
Австралија
Кога зборувавме за Антарктикот, спомнавме дека одреден период континентот бил нарекуван „Terra Australis“, а ова име потекнува уште од времето на древните Римјани.
Најпрво името се однесувало на хипотетички континент – древните Римјани немале како да стигнат до Австралија и можеле само да претпоставуваат дека постои.
Кога континентот сепак бил откриен од морепловците, почнале да го нарекуваат Австралија, а токму поради ова Антарктикот извесен период останал без име.
Името Австралија се прославило благодарение на истражувачот Метју Флиндерс, а официјално се користи од 1817 година.
Европа
Постојат неколку теории за потеклото на името на нашиот континент.
Некои веруваат дека името потекнува од митовите за Европа кои датираат пред илјадници години. Според некои митови, Европа била една од морските нимфи во грчката митологија.
Се верува и дека Европа е „предгрчко“ име за Деметра – божица на земјоделството и агрикултурата, како и на плодноста.
Според најпознатиот мит, Европа била ќерка на некој феникиски крал и била киднапирана од Зевс. Тој ја однел на Крит, каде што таа му родила три синови.
Некои историчари сметат дека името потекнува од јазикот што се зборувал во древна Месопотамија, односно од зборот „erebu“ што значи зајдисонце.
Постојат и други теории за името „Европа“, но овие се некои од најпопуларните.
Америка
Веројатно се сеќавате на Америго Веспучи за чии подвизи учевме уште во основно училиште – италијанскиот морепловец кој сметал дека Колумбо не нашол пат до Индија, туку открил нов континент.
Бидејќи Америго бил во право, во 1507 година познат картограф ја нарекол оваа нова земја Америка во неговата карта на светот. Од картата биле направени 1.000 копии, но до денес не преживеала ниту една.
Бидејќи Америка се всушност два континенти, Северна и Јужна, постојат и други теории за потеклото на нивните имиња, но најприфатена е оваа.
Спирова С. | Црнобело