Црквата на Плаошник и Свети Климент – нераскинлив спој на верата, просветителството и историјата
Гордо над Охрид, како негов вечен заштитник, со поглед кон небесното синило и смаргдното езеро, на малото парче рај на земјата, на Плаошник, се издига црквата Свети Климент и Пантелејмон, посветена на двајца големи светци, рушена и возобновуванa, симбол на верата и науката.
Црквата Свети Климент и Пантелејмон, осветена во 2002 година, претставува реплика на постарата црква Свети Пантелејмон која ја изградил Свети Климент Охридски во 863 година на истото место, на темелите од голема ранохристијанска базилика.
Во 916 година, по смртта, Свети Климент бил погребан под подот на црквата, во гробница за која се раскажува дека тој самиот ја направил.
Црквата Свети Пантелејмон била неколкупати обновувана, сè до 15 век, кога конечно била урната од Отоманските Турци и на нејзините темели била изградена џамија позната како Имарет-џамија.
Оваа црква ги носи имињата на двајцата светци - Свети Климент, кој бил првиот кој го изградил храмот на ова место, и Свети Пантелејмон, на кого првобитно била посветена.
Свети Климент – просветител и основач на Охридската книжевна школа
Свети Климент е заштитник на градот Охрид и неговите граѓани.
Tој ќе остане засекогаш запишан во македонската културно-историска ризница како еден од најистакнатите просветители кој, заедно со Свети Наум, ја ширел азбуката и писменоста меѓу народот.
Тој е еден од најплодните и најзначајните писатели на старословенски јазик.
Свети Климент е роден околу 840 година, а починал на 27 јули 916 година во Охрид. Ќе остане запаметен како еден од првите средновековни словенски светци, научник, писател и просветител на Словените.
Тој го посветил својот живот на просветителството и религијата, ширејќи ги азбуката и христијанството, а за тоа честопати пател, бил мачен и затворан, но никогаш не се откажал.
Во околината каде денес е црквата која го носи неговото име, тој ја основал Охридската книжевна школа, позната уште како и Прв словенски универзитет.
А, веќе години наназад се работи на возобновување на стариот сјај на оваа школа, која е од огромно значење за македонската, но и словенската историја.
Од неговата школа излегле 3500 ученици, а некои од нив продолжиле со неговата мисија.
Денес Свети Климент Охридски се почитува како заштитник на Македонија, градот Охрид и Македонската православна црква, а многу училишта и цркви го носат неговото име.
Легендите за Свети Климент Чудотворецот
Постојат многу легенди и преданија кои се раскажуваат меѓу народот како докази за моќта на светецот, познат уште и како Свети Климент Чудотворецот.
Една од легендите вели дека секогаш кога неволја или несреќа ќе се надвиснала над градот Охрид и неговата околина, се појавувал духот на светецот и ги спасувал градот и народот од страдање.
Народот раскажува дека во Втората светска војна, златниот крст на светецот го спасил градот Охрид од Германците кои сакале да го запалат.
Исто така, постојат повеќе преданија според кои светителот го чувал Охрид и од чума и од други тешки болести.
Според друго старо предание, черепот на Свети Климент денес се наоѓа во град во близина на Солун.
Во градот неколку години владеела чума од која народот брзо умирал, а на еден од мештаните на сон му се јавила Света Богородица и му рекла дека само черепот на Свети Климент Охридски може да ги спаси.
Немајќи друг лек, Грците со многу пари и злато дошле во Охрид за да го купат черепот на Свети Климент Охридски. Луѓе кои не ја знаеле вистинската вредност на черепот, го продале и тој веќе седум века се наоѓа во Грција.
Уште една легенда раскажува за моќта на Чудотворецот. Според неа, тој не само што го описменил народот, туку и ја облагодетил почвата и ги оплеменил дрвјата да раѓаат вкусни овошки бидејќи дотогаш немале плодови.
Од Азија, пак, донел садници и семиња за охридските полиња.
Исто така, се верува дека моштите на големиот светец имаат исцелителна моќ.
Климентовиот универзитет на Плаошник
На местото каде што се родила Охридската Книжевна школа, денес се работи на возобновувањето на Климентовиот универзитет на Плаошник, познат уште како најстариот универзитет во Европа.
Со возобновувањето се воспоставува спојот на светиклиментовиот дух и новото време, но се задржува континуитетот на една културно-историска просветителска мисија која има исклучително значење како за македонскиот, така и за целиот словенски народ.
Охридската книжевна школа била жариште на македонските писменост и култура.
По целосното археолошко истражување, во склоп на Климентовиот Универзитет ќе се изградат нови објекти во кои ќе биде сместена голема библиотека, галеријата на икони, како и старите ракописи од Музеј-Охрид и од други културни и научни центри.
Овој универзитет, како наследник на најстариот универзитет во Европа, треба да биде спој на световното и сакралното, старото и новото.
Се очекува Плаошник да стане силен научен центар од кој повторно ќе зрачи духот и моќта на Свети Климент, како и неговата љубов кон верата и науката.
Богато археолошко наоѓалиште
Покрај тоа што Плаошник е свето место со културно, верско и просветителско богатство, познато е и како археолошко наоѓалиште со базилики, мозаици и артефакти кои датираат дури од 2-3 век п.н.е.
Археолошки истражувања на Плаошник се вршени повремено во текот на XX век, а од 1999-та, а се вршат и континуирано и систематично.
Главно наодите можат да се поделат на претклиментов период, кој го опфаќа периодот од праисторијата до IX век, и климентов период, кој започнува од 893 година (кога Св. Климент Охридски ја изградил црквата Свети Пантелејмон), па сè до заземањето на Охрид од страна на Турците во XV век.
Локалитетот на Плаошник беше интензивно истражуван во периодот од 1999 до 2002 година. Во тој период беа изведени археолошки истражувања во внатрешноста на Светиклиментовата црква и околу неа.
Тогаш, целосно беа откриени и дефинирани градбените фази и целосно беше откриена монументална ранохристијанска базилика.
Базиликата, според археолозите, е сосатавена од нартекс, атриум, крстилница, помошни простории и широки дворишта во источниот дел од комплексот.
Во пространиот атриум на северната страна од објектот се откриени голем број мермерни столбови со бази и капители.
Најрепрезентативен дел на оваа базилика е нејзината монументална крстилница во форма на правоаголник, во чиј средишен дел се наоѓа кружн базен во кој се вршело крштевање.
Мозаичната декорација на нејзиниот под се состои од геометриски орнаменти и симболични стилизирани претстави на лоза со гроздови, листови, цветови, како и доста реалистично претставени домашни и диви животни и птици, како јагне, лав, паун, петел.
Плаошник е свето место со најубавиот поглед кон Охридското езеро, место каде се поставиле темелите на најстариот универзитет во Европа и од каде се ширеле писменоста и верата, но и место со цврсти докази за едно дамнешно време.
Плаошник е срцето на македонската култура и историја, нераскинлив спој меѓу минатото и сегашноста.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело
фото: И. Ј. / depositphotos.com