„Во Хрватска првпат се соблеков гола и се заљубив во нудистички плажи - ги оставив бикините дома“
Иако можеби ни се чини помалку примамлива идејата некогаш да одиме на нудистичка плажа, сепак кога ќе си го поставиме прашањето дали навистина би го направиле тоа, мора да признаеме дека не сме 100 отсто сигурни.
Новинарката на CNN Лола Мендез објави текст посветен на луѓето што сакаат да ги посетуваат нудистичките плажи во Европа.
Освен своето, таа ги пренесува искуствата на повеќе други луѓе за тоа како се вљубиле во овие плажи и што е она што ги тера да ги бараат местата каде што можат целосно да се разголат.
„Бев нервозна и намерно го оставив костимот за капење пред да одам за првпат на нудистичка плажа на ненаселениот остров Локрум во Хрватска. Тоа беше единствениот начин за да бидам сигурна дека стравот од разголување пред непознати луѓе нема да ме натера да се откажам во последен миг.
Откако ја разгледав плажата што се наоѓа на југо-источниот дел од островот се сместив на една карпа веднаш до водата за да можам веднаш да влезам во вода да се оладам – или во случај да се чувствувам засрамено.
Како што сонцето ми го загреа телото непријатноста од тоа што бев гола во јавност се стопи со горештините“ – вели таа и признава дека во првиот миг кога забележала дека брод со туристи што имале фотоапарати се доближил до островот, таа веднаш се фрлила во водата.
Како што посочува, тој ден, во 2016-тата година, со посетата на островот што се наоѓа во близина на Дубровник, се родила нејзината љубов за нудистичките плажи, па така почнала да ги бара каде и да оди.
Таа ја пренесува и приказната на патописецот Џина Труман која е уверена дека нудистичките плажи ѝ помагаат да се ослободи од општествените стигми за разголеноста.
„Сакам да се разголам колку може почесто во природата и сакам добра нудистичка плажа. Тоа повеќе се поврзува со слободата и откривањето на сопственото тело додека сме потопени во природата“ – вели таа.
За Труман тоа што можела во целост да се ослободи од стегите, заедно со костимот за капење, било вистинско ослободително искуство.
„Со прифаќањето на мојата природна состојба и дополнителните дози витамин Д на оние места каде што сонцето (вообичаено) не нè грее, го прифаќам и го славам сопственото тело со сите неправилности. Исто така ми помогна да не се опседнувам со салото на стомакот, стриите и лузните од акни.
Нудистичките плажи се како свети места каде сме ослободени од осудувања. Сега се чувствувам целосно комотна во сопствената кожа и помалку несигурна кога носам бикини. Го сакам тоа што се чувствувам слободна кога ќе дозволам сонцето да ме огрее во целост“ – вели таа.
Лола нагласува дека постојат неколку основни правила што би требало да ги земете предвид доколку би сакале да одите на нудистичка плажа.
Прво што треба да направите е да бидете сигурни дека е легално дозволено да се разголите на плажата и да ги почитувате законите. Исто така, добро е да најдете плажа каде ги има сите услуги што можеби би ви биле потребни - како тоалет и освежителни пијалаци.
Без разлика на тоа на која нудистичка плажа ќе отидете, доколку го оставите костимот за капење, не смеете да заборавите со себе да понесете нешто за седење, крем со заштитен фактор и секако соодветна облека за да дојдете и да си заминете.
Во никој случај не е добро да „зјапате“ во другите посетители на плажата. Мора да имате почит за сите околу вас и секако јавно не треба да се вклучувате во какви било сексуални активности.
„Иако има нудистички клубови на плажа и одморалишта за оние што сакаат да се забавуваат, атмосферата на јавните нудистички плажи вообичаено е опуштена. Често одам сама и се чувствувам безбедно кога го правам тоа, затоа што луѓето најчесто ја гледаат својата работа и те оставаат на мир“ – вели таа.
За крај, посочува дека плажите најчесто не се ризични за посета, секако доколку нема премногу посетители, а најчесто ваквите плажи се во затворени предели.
Тие што се сончаат на ваквите плажи вообичаено ја почитуваат приватноста на другите, се држат настрана од другите посетители, па така воопшто не е тешко да се одржи растојание.
Б. С. Б. | Црнобело