Дефиниција за баксуз
Во Марфиевиот закон никој не се сомнева! Дека сè што може да тргне наопаку и ќе тргне, сме се увериле безброј пати и тоа на сопствената кожа.
На легендарниот Марфи му тргнало од рака таа „баксузна“ животна вистина да ја преточи во научна дисциплина, создадена при директно соочување со реалните проблеми.
Ниту една од претпоставките никогаш не е оспорена, ниту пак застарена, што сведочи за генијалноста на нејзиниот творец.
Наместо од интелектуална љубопитност, марфиевата „наука“ изникнала од непријатните сознанија дека балансираме на тенка жица над океанот на случајности.
Секоја научна дисциплина има свои основни препоставки и историја, но на оригиналниот Марфи не е лесно да му се влезе во траг.
Според Артур Блох, авторот на книгата „Марфиевиот закон – и други причини зошто работите одат наопаку“, творецот на популарниот закон Ед Марфи, е инженер од лабораторијата „Рајт Филд Еркрафт“.
Ед Марфи, кој станал познат како зачетник на науката за чудните околности и резултати, работел половина век во американската воена база за развој на нови авионски конструкции.
Во една ситуација, изнервиран од однесувањето на својот колегата, извикал: „Ако постои начин нешто да направи како што не треба, така и ќе направи!“ Подоцна таа изјава станала препознатлива и со „брзината на светлината“ се раширила низ цела Америка, а потоа и низ целиот свет.
Некои велат дека Марфи бил преголем оптимист, додека други напоменуваат дека од законите на Марфи нема никаква корист, а како доказ го неведуваат следниот:
„Дождот ќе почне да паѓа штом почнам да го ја мијам колата, освен ако не ја мијам колата со цел да предизвикам дожд!“
Но, зад Марфиевите закони често пати се кријат очигледни објаснувања. „Компјутерот секогаш е спор кога ни се брза“, закон кому му се спротивставува логичен аргумент: компјутерот работи со иста брзина, но неговиот корисник е понетрпелив.
Што мислите вие за Марфиевите закони? Споделете некое свое животно искуство.