Како се нарекува и одбележува Halloween во Македонија и државите ширум светот?
Бидејќи САД има огромно влијание врз популарната култура, целиот свет како да го прифати нивниот празник Ноќта на вештерките. Но, знаевте ли дека ова не е американски празник и постојат многу верзии во државите ширум светот, па дури и кај нас?
Ноќта на вештерките што се празнува во САД потекнува од Келтите, кои всушност живееле на територија на Ирска, и го означува денот за кој се верува дека мртвите се враќаат во земјата на живите. Можете да се сетите кој македонски празник ја има истата симболика?
Со текот на времето празникот се проширувал и прославите „еволуирале“, сè дури не се претвориле во она што го гледаме денес.
Но, прослави од сличен карактер имаат речиси сите култури, дури и оние кои немале никаква врска со Келтите, а во продолжение можете да дознаете повеќе за нив:
Македонија: Задушница
Ние немаме Ноќта на вештерките, но затоа прославуваме Задушница - празник познат и како Мртвен. Според народните верувања, на овој ден, душите на покојните доаѓаат во светот на живите, и од нивните блиски бараат храна, пијалак, чистење…
На овој ден се посетуваат гробовите на најблиските, каде што се раздава храна за душата на починатите. Кај православните христијани, Задушница се празнува во саботата пред празникот Митровден.
Мексико: Dia de los Muertos
Во Мексико, но и во Шпанија, се прославува Денот на мртвите, а симболиката е слична како и за Задушница.
Празникот се прославува на 1 и 2 ноември и повторно им се принесуваат дарови на мртвите. Најпрепознатливиот детаљ за мексиканскиот празник се маските, или шминката, што ги носат жителите со кои ги претставуваат мртвите.
Кина: Фестивалот за гладниот дух
Овој фестивал трае цел месец, почнувајќи на седмиот ден од седмиот месец во лунарниот календар. Годинава, фестивалот започна на 2 септември.
Додека трае фестивалот, луѓето изведуваат разни церемонии, со цел да го избегнат гневот на духовите. Најчесто тие палат мирисливи стапчиња и во текот на денот приготвуваат по три оброци, вклучувајќи и храна за покојните.
Шкотска и Ирска: Samhain
Ова е празникот од кој се верува дека потекнува Ноќта на вештерките, или Halloween. Бидејќи Келтите живееле на територија на денешна Ирска, Ирците го прославуваат празникот и денес.
Келтите верувале дека на последниот ден од октомври, кој за нив бил и последен ден од годината, границата помеѓу светот на мртвите и светот на живите станувала „потенка“, па духовите доаѓале кај живите.
Најчесто Ирците и Шкотланѓани прославуваат со палење логорски огнови и раскажување приказни.
Италија: Il Giorno dei Morti
И Италијанците имаат празник посветен на нивните покојни. Сепак, во некои делови со векови се слави и Halloween, а слично како во САД, и таму резбаат тикви, кои ги нарекуваат Concas de Mortu, односно „Главите на мртвите“.
Непал: Gai Jatra
Овој празник, познат и како „Фестивал на кравите“ се прославува помеѓу август и септември, со цел да им се оддаде почит на саканите кои починале изминатата година. Обично за празникот има и поворка, која ја води крава, во којa може да застане секој кој изгубил некоја сакаа личност. Се верува дека кравата ќе им помогне на починатите да го најдат патот до рајот.
Полска: Zaduszki
Празникот на Полјаците е многу сличен со македонскиот Задушница – сличноста се забележува и во имињата. Тие го слават празникот на 1 ноември, кога ги посетуваат гробовите на саканите, и им палат фенери и оставаат мали подароци.
САД: Halloween
Halloween „стигнал“ во САД во 19-иот век, откако таму почнале да се населуваат луѓе од Шкотска и Ирска. Денес Американците прославуваат преправајќи се во страшни суштества, а малите деца одат од врата на врата и собираат бонбони и чоколатца.
Спирова С. | Црнобело