Најбизарната љубовна приказна: Дали и Гала, брилијантните лудаци во сопствената бајка
„Ја нарекувам мојата сопруга Гала, Галушка, Олива, поради овалниот облик на лицето и маслинеста боја на нејзината кожа… Понекогаш Оливета, Бурибета, Сулиуета и Лиуета. Ја нарекувам и Лајонет, бидејќи е како лав кога ќе се налути.“
На овој начин Дали ја сакал својата жена: лудо, опсесивно, крваво, до болка, до смрт, простувајќи ѝ сè.
Големиот Шпанец живеел 84 години, а единствената жена во неговиот живот била Гала, со која живеел 53 години. Ова е вистинската бајка за двајца „лудаци“ поврзани во неразделно суштество, ова е највпечатливата, најбизарната и најромантичната љубовна приказна на 20-от век. Приказната за Салвадор Дали и Гала...
Гала, всушност, се викала Елена Ивановна Диаконова, била убава Русинка од Казан, мистериозна, страсна и интуитивна жена, атрактивна дама со црни очи, омилена во круговите на интелектуалната елита.
Гала имала способност да го „намириса“ креативниот гениј на километар. Често се дружела со уметниците, ги охрабрувала и инспирирала. Таа верувала дека животот секогаш треба да претставува одмазда, освојување или конечна победа.
Гала била во брак со францускиот поет, Пол Едуард, со кого имала и ќерка, Сесил, но наместо спокојно пристаниште за неа оваа врска претставувала само „билет“ за познанство со големите уметници од тоа време.
Гала секогаш сакала да флертува, имала желба за внимание, секс и додворување, па аферите биле составен дел од нејзиниот живот. Била поврзана со Макс Ернст, Рене Чар, Рене Кревел... И тогаш се сретнала со 25-годишниот Салвадор Дали, сосема необичен, ексцентричен и цела деценија помлад од неа.
Во својот дневник Дали го опишал тој прв момент, таа експлозивна средба која ги одредила нивните животи.
„Судено ѝ е да биде мојата Градива, онаа која ќе ме турка напред, мојата победа, мојата сопруга“. И навистина, од тогаш па сè до смртта на Гала, Дали ја сакал до сржта.
Постои еден мит, за кои подоцна Дали признал дека е вистина. Приказната раскажува како легендарниот сликар, пред да замине на состанок со убавата Русинка, се намачкал со сопствена крв, ја растргнал облеката и мирисал на рибјо лепило.
„Тоа беше момент на слабост и лудило и тоа го опиша моето чувство пред да се запознаам со Гала. Да, бев сосема луд пред неа. Таа создаде вистински мистицизам и класицизам од мојот живот. Можеби никој нема да поверува, но немам водено љубов со ниту една жена освен со неа.“
За Дали Гала била неисцрпна и вечна инспирација, тајна состојка на среќата во неговиот живот. Таа се поставила како негов вистински придружник, сојузник и пријател, но исто така и добар организатор, асистент и адвокат, всушност еден вид менаџер.
Љубовта на Дали и Гала била голема, но исто така и крајно луда, полна со гревови и контрадикции. Гала била контроверзна, мистериозна, агресивна жена, тешка за комуникација. Таа секогаш сакала да им контрира на луѓето, дури и кога се сложувала со нив.
Гала секогаш била гладна за внимание и секогаш била опкружена со млади љубовници. Дали ѝ дозволувал да има афери, дури и ја охрабрувал. Верувале или не, Гала имала љубовници и во длабоката старост, кога имала 70, односно 80 години.
Многумина не ја сакале, ја опишувале како жена со лош темперамент, одвратна и сурова.
Најголемата казна за Дали била смртта на Гала и живот без неа. Животот на Дали го изгубил своето значење и насока, тој повеќе немал компас, не јадел, си го гребел лицето, врескал и плачел и никогаш повторно не сликал.
Ашера | Црнобело