Деструктивната љубовна приказна на Жорж Санд и Фредерик Шопен
Жорж Санд, чие вистинско име било Аурора Дупен, живеела во времето на Наполеоновиот закон кога жените немале право да поседуваат имот, да се разведат и повторно да се омажат.
Санд, по осум години брак, решила да се пресели во Париз каде работела како новинар, сликар и пред сè како писател. Токму во Париз се создава Жорж Санд. „Госпоѓа Дупен е мртва, сега постои само Жорж Санд. Жената во машкиот лик.“ И тогаш започнала нејзината борба, не против мажите, туку за правото на жената да биде слободна за да решава за сопствениот живот.
На Санд ѝ се восхитувале многу уметници од тоа време. Таа била блиска пријателка со Балзак, Флобер ја нарекувал драгата учителка, Хајне и Тургењев биле нејзини чести гости, а Виктор Иго на нејзиниот погреб изјавил: „Ја оплакувам смртницата, ја поздравувам бесмртницата.“
Жорж Санд живеела онака како што сакала, имала многу љубовници, пред сѐ писатели (Жил Сандо, Проспер Мериме, Алфред де Мизе) и музичари (Шопен). Кога се чувствувала како разочарана жена, без многу успеси, своите емоции ги изразувала со пишување книги. Напишала над 130 книги, 80 романи, 20 театарски дела и илјадници писма.
Прва средба со Шопен
Санд го запознала Фридрих Шопен во 1836 година и останала со него во врска речиси десет години (1838-1847).
Шопен првично ја осудувал поради нејзиното однесување. Таа секогаш била облечена како маж, пушела цигари и на сите им се обраќала со „ти“. Гласно ги искажувала своите демократски и социјалистички ставови со што многу се разликувала од пристојните девојки од Полска, на кои бил навикнат Шопен.
Една пријателка која присуствувала на нивниот прв состанок ја советувала Санд да го заведе како маж, бидејќи тој делувал како жена. Поради ова Санд и Шопен добиле смешни прекари: госпоѓица Шопен и господин Санд.
Шопен ги создал своите најдобри дела додека бил со Санд. Имено, тој интуитивно сметал дека Санд е доволно музички талентирана за да може да го инспирира и советува.
Може да се рече дека се сакале, барем некое време. Таа му се восхитувала на брилијантниот музичар, а тој го почитувал големиот писател, но Шопен не бил создаден за уживање во љубовните чувства.
Така, по извесно време, Санд престанала да го сака, а нејзината љубов кон него се претворила во симпатија. Го сакала на начинот на кој ги сакала своите деца.
Во исто време била свесна дека Шопен ја сакал својата болест, својата депресија и положба на постојан пациент, па понекогаш им кажувала на своите пријатели: „Мојот пациент“, дури и „Мојот жив мртовец“.
Многу луѓе истакнувале дека Шопен ја користел Санд (бесплатна храна, грижа, стан), но таа секогаш имала впечаток дека прави добро, бидејќи никогаш не се сомневала во неговиот музички гениј.
Шопен постепено престанувал да доаѓа во Ноан, каде што се наоѓала куќата на Санд, за еден ден да ја напушти засекогаш, без збогување. Формалната причина била семејната расправија, со што завршила приказната за познатите љубовници.
Шопен набрзо починал од туберкулоза, а на неговиот погреб имало околу 3.000 луѓе, но не и Санд, која не сакала да дојде.
Жорж Санд починала во Ноан на 8 јуни, 1876 година.
За деструктивната љубовна врска на Жорж Санд и Фредерик Шопен биле напишани многу книги, а снимени се и неколку филмови „A Song to Remember“, „Impromptu“, „Desire for Love“.
Ашера | Црнобело