Тајните на нашите омилени шоуа за готвење - некои се навистина мрачни
Џејми Оливер, Гордон Ремзи, Дона Хеј, Сара Лафонтен, Марта Стјуарт, Најџела Лосон... Обожаваме да ги гледаме нивните маестрални креации од храна, но дали тие се реални?
Како и кога се снимаат филмови, така и за кулинарските шоуа некогаш е потребно да се повтори снимањето на некоја сцена. Сосема е веројатно дека најмалку еднаш нема да се „погоди“ храната или нема да изгледа доволно шминкано и фотогенично за да биде прикажана во јавноста.
Иако од нив црпиме инспирација за готвење и за по некој десерт, треба да знаеме дека не е сè баш така како што изгледа.
Потребни се 12 до 24 часа за да се сними епизода од натпреварувачко шоу
Зад секое од овие шоуа стои продукција, режија, сценографија, па дури и шминкери и костимографи. Секоја епизода има концепт, па може да одземе часови и часови за да се сними.
Често снимањето завршува така што учесниците веќе не се ни гладни, бидејќи им „преседнало“.
Огромни количини храна завршуваат во ѓубре
Фрлањето храна е голем глобален проблем, особено поради тоа што се фрлаат огромни количини употребливи намирници.
И додека едни ги донираат подготвените оброци на сиромашните или во прифатилиштата, најчесто таа храна никој не ја јаде. Намирниците често се чуваат во несоодветни услови, стојат на работните маси со часови, ги полазуваат инсекти, ги допираат многу раце, па продукцијата решава дека сето тоа е само презентација и дека ќе биде уништено по снимањето.
Крајниот продукт не секогаш е јадлив
Верувале или не, постојат стилисти за храна и често она што го гледате како краен производ воопшто не е јадливо.
На пример, колачите и лебот се премачкуваат со пченкарен сируп, маст, па дури и со моторно масло за да сјаат под блицовите. Месото не секогаш е добро зготвено, а во пирето од компири се става скроб, за да може да изгледа цврсто и привлечно за око.
Тие не готват во кујните дома
За ова најверојатно повеќето од нас се свесни. Ниту Ремзи, ниту Џејми Оливер не снимаат во домашните кујни, бидејќи сетовите бараат правилни услови и осветлување, за да може да се снима.
Тоа најчесто се импровизирани кујни во студио, уредени да личат како домашни, за целиот процес да изгледа што поавтентично.
Крајните декорации ги прават повеќе луѓе
Готвачот кој има своја емисија ќе направи едно до две залачиња од зготвеното, но крајниот збор го имаат професионални декоратори на храна.
Сигурно сте забележале дека по првото подготвено колаче или што било друго, следниот кадар веќе прикажува полна чинија и главниот готвач како декорира со магдонос или со сос. Во меѓувреме, она што го нема на телевизија е целиот тим кој ја зема работата во свои раце.
Одлуката на жирито во реалноста трае со часови
Најпрво, треба да им се обезбеди свеж и јадлив примерок од храната. Потоа, треба да пробаат од секој тим или индивидуален натпреварувач.
Откако тоа ќе се случи, следат долги анализи и консултации, за да може да се донесе одлука кој продолжува, а кој излегува од шоуто.
Готвачите не ги измислуваат рецептите
Пред да почне снимањето, тие точно знаат кој рецепт ќе го готват, но тој им е зададен или од продукцијата или е одбран во консултација со нив.
Потоа, ретко кој смее да гледа рецепт додека готви, особено во натпреварите. Кај некои, рецептот оди на екран зад камерите, слично на караоке.
Некои од караниците и конфликтите се дел од сценариото
За да се додаде на нетрпеливост и драма, некогаш натпреварувачите и готвачите се караат меѓу себе и тоа оди по сценарио. Но, се случува и природно да дојде до конфликт. Во такви случаи, продукцијата ги „подгрева“ емоциите, за драмата да биде што пореална.
Е. Д. | Црнобело