Зошто да биде едноставно, кога може да биде комплицирано?
Реално, работите се толку едноставни, што не можат да се направат поедностави. Единствено може да бидат покомплицирани, ако се трудиме да го најдеме она што го нема.
Колку пати досега знаеше дека единствено што треба да направиш е искрено и отворено да му кажеш? Колку пати тоа се обиде да го изведеш на сите други начини, освен на вистинскиот?
Вечната заблуда дека некој ќе ги прочита твоите мисли или дека во погледот ги пишува сите реченици кои треба да бидат изговорени. Тие се најголемите виновници.
Се обиде да бидеш нема и ништо да не проговориш, се обиде да бидеш глува за сите совети и убедувања, се обиде да бидеш слепа дека не го забележуваш за да се појавува повторно и повторно ловејќи ти го погледот.
Зар не го бараше истото што и тој?
А толку беше едноставно... Само еден поглед, една насмевка, барем еден збор... и сè ќе беше полесно.
Но, зошто да биде едноставно, кога може да биде комплицирано? Може да биде вистинска драма.
Ти имаш замислено сценарио кое, нормално, дека не се одвива како што очекуваш, па добиваш заплети, преплети, кулминации, само никако да го добиеш посакуваниот расплет и „Happy end“.
Ама ако, сакаш да замислуваш, да претпоставуваш со уште 5 можни теории зошто ја завртел главата лево или десно, зошто ти се насмевнал или не. Сакаш да изгубиш 5 месеци толкувајќи го неговиот поглед кој не се одлепува од тебе и чека твој знак кој не го добива. Не може, не е по твоето сценарио. Продолжи да го губиш времето.
Уште колку може да го комплицираш твојот филм? Поставуваш предизвици, препреки, игри, трофеи... а инструкции нема.
Она што е најтрагично е што тој не ни знае дека воопшто е дел од некое сценарио. Ти и понатаму си нема, глува, слепа.
Колку време ти би се трудела околу некој што не те забележува? Си се запрашала некогаш?
Еден ден ќе ти досади и тебе. Ќе ти се смачи од играта или можеби ќе сфатиш дека не те сфаќа, па храбро ќе се залеташ „да му нацрташ“ ако треба.
Тогаш ќе го кажеш она што требаше да го кажеш пред петте месеци, пред сето изгубено време, пред сите пропаднати шанси.
Тогаш ќе го кажеш она што тој сакаше да го слушне пред да се откаже. Она што и ти сакаше да го кажеш пред да се измориш. Она што и двајцата сакавте да го кажете пред да биде доцна.
Но зошто да е едноставно, кога може да биде комплицирано?
В. М. | Црнобело