„Немаше многу дрога и секс како што мисли јавноста“: Како навистина изгледале популарните забави во Плејбој вилата?
„Забавите се одржуваа во куќа која е многу голема, па оние кои сакаа секс или нешто друго, имаа место каде да се скријат“, вели жена која во 1990-тите и раните 2000-ти присуствувала на неколку забави во Плејбој вилата.
На Редит постои потфорум познат како Ask Me Anything (прашај ме што било).
Овде, корисниците зборуваат за нивната професија, нивниот живот или некое искуство и им дозволуваат на форумџиите да им постават секакви прашања во врска со тоа.
Некогаш, во подфорумот се вклучуваат и познати личности.
Неодамна, една жена откри дека во 1990-тите и 2000-тите одела на забавите во популарната Плејбој вила, а другите форумџии ѝ поставуваа прашања за работите што ги интересираат.
„Во 1990-тите, на 21-годишна возраст, се преселив во Лос Анџелес каде што работев како модел за костими за капење.
Поради работата, ме поканија на забава во Плејбој вилата и отидов на неколку забави пред да се преселам во друг град во 2002 година.
Ако сакате да дознаете нешто, со задоволство ќе споделам“, стои во објавата.
А, според нејзините одговори на прашањата, забавите и не биле нешто спектакуларно како што јавноста си замислува, барем во раните 2000-ти.
Во продолжение, дел од деталите што ги открива жената:
Колку од она што мислиме дека се случувало е вистина?
„Претпоставката е дека забавите беа оргии со многу дрога. И, дефинитивно некогаш луѓето имаа секс и користеа дрога, но почесто беше како најобична забава.
Бидејќи забавите се одржуваа во голема куќа, оние кои го сакаа тоа (секс и дрога) имаа каде да се скријат, без другите да ги гледаат“.
Каков бил Хју Хефнер во приватниот живот?
„Не го запознав многу добро бидејќи забавите беа огромни и околу него секогаш имаше група луѓе.
Исто така, си легнуваше порано, па не беше многу присутен. Зборував со него само неколкупати, си разменувавме по неколку збора“.
Што е најлудото нешто што си го видела на забавите?
„Двајца мажи кои се однесуваа ’мачо‘ со сите девојки, а на крај ги начекав како имаат секс во еден од тоалетите“.
Ти се додворуваа ли многу мажи? Очекуваа ли да имаш секс со нив?
„Често ми се додворуваа ако бев сама или во друштво на други жени. Но, ако зборував со маж, другите не ми се додворуваа.
Никогаш немав секс во Плејбој вилата, но некои мажи со коишто зборував ме прашуваа дали ќе имаме секс“.
Во коментарите на објавата, други форумџии откриваат искуства за забавите, потврдувајќи дека сепак не биле нешто многу спектакуларно.
„Отидов на забава во раните 2000-ти организирана за маркетинг тимот на Плејбој. Имаше некои постари зајачици и забавата изгледаше како обична прослава од некоја фирма.
Беше интересно што ја видов вилата, а зајачиците ми направија тура низ целиот имот. Генерално, искуството беше уникатно, но беше далеку од лудо. Дури не се ни сеќавам дали Хју Хефнер беше таму“.
„Еднаш и јас бев поканет на забава во Плејбој вилата и дефинитивно не беше лудо како што замислувам.
Куќата изгледаше интересно, но не се случи ништо посебно. Беше како и секоја друга забава. Единствено, пијачки служеа зајачиците“.
„Тој период и јас бев на една од забавите. Според она што го видов, ми изгледаше како Плејбој вилата да се изнајмува за забава, како што би изнајмиле локал за свадба.
Забавата беше добра и беа најмени некои модели. Но, немаше многу секс и дрога“.
„Јас отидов на неколку забави неколку години подоцна. Според она што го видов, мажите беа заинтересирани за жени кои се ’лесни‘ бидејќи плаќаа илјадници долари за да бидат на забавите.
Жените, секако, влегуваа бесплатно. Сепак, воопшто не изгледаше чудно и не се чувствував непријатно. А, имаше и многу обезбедување“.
„До 2000-тите, вилата почна да се изнајмува за промотивни настани. Мислам дека забавите биле полуди во 1970-тите“.
Други формуџии, пак, велат дека на забавите сигурно се случувале и луди, дури и одвратни работи, но не пред очите на сите гости.
Спирова С. | Црнобело