Подгответе: Ледена торта - лубеница
За да се оладите ова лето и да уживате во неколку различни вкусови на сладолед, ви ја предлагаме оваа вкусна ледена торта во форма на лубеница. Едноставен, брз и неверојатно освежителен десерт на кои сите ќе се израдуваат.
Состојки:
- 1 пакување сладолед со вкус на ф’стак
- 1 пакување сладолед со вкус на ванила
- 1 пакување сладолед или леден сорбет со вкус на лубеница
- Чоколаден чипс
Подготовка:
Обложете еден метален сад со безбојна фолија и оставете ги краевите малку да излегуваат од садот. Ставете го во замрзнувач околу 10тина минути.
Префрлете го сладоледот од ф’стак во средината на садот и користејќи голема лажица, мешајте додека сладоледот не се подрастопи. Распоредете го подеднакво низ целиот сад. Нека има слој од неколку сантиметри, а потоа вратете повторно во замрзнувачот.
Повторете ја постапката со сладоледот од ванила, со таа разлика што овој пат ќе ја промешате во друг сад додека омекне, а во садот со сладоледот од ф’стак само ќе го нанесете слојот дебел неколку сантиметри. Оставете ги двата сладоледи да се замрзнат уште 10тина минути.
Доколку сакате да подготвите сорбет од лубеница сварете половина литар вода и 1 шолја шеќер, додека не се претвори во шербет. Додајте блендирани парчиња лубеница и малку сок од лимон. Замрзнете ја смесата неколку часа.
За било кој рецепт и да се одлучите, на крајот во сорбетот или сладоледот од лубеница ставете малку чоколаден чипс кој ќе биде имитација на малите црни семки. Смесата префрлете ја во металниот сад во просторот кој преостана. Распоредете убаво, замазнете и гледајте целиот сад да биде наполнет до самиот врв. Вратете во замрзнувач уште половина час.
Откако целата смеса ќе се замрзне, превртете го садот на рамна површина и извлечете ја фолијата. Ќе бидете изненадени од замрзнатата лубеница торта која ќе ја добиете.
Исечете големи парчиња, декорирајте по желба и уживајте во леденото задоволство!