Сеќавање на нашиот ангел...
25.01.2059 година
Утро е. Ладно е. Снежно и сосема обично утро. За мене посебно...
Ја поведов својата ќеркичка во блиската црква, да запалиме свеќа за прабаба ми од која ја наследив дарбата за музика. Навистина, од неа, затоа што мајка ми и баба ми воопшто не се заинтересирани за музиката која ја сакам.
Најчесто слушам стара музика, баш онаa која ја слушала прабаба ми кога и сама била во цутот на младоста. Да. Таа денес би имала 100 години и јас сум среќна што од неа ја наследив оваа кутија која таа ја нарекуваше „Кутија на спомените“, а јас кога бев мала ја нарекував магичната кутија.
Така, запаливме свеќи, дојдовме дома, и како некој нежен и благ допир да ме потсети да ја најдам кутијата. Влегов во собата, го отворив плакарот и ја отворив кутијата. Ќерка ми ме следи без чудење, но заинтересирано гледа.
Без оглед на тоа што поминале многу години, кутијата не го загубила сјајот. Не знам дали на тоа влијаела чудесната енергија на прабаба ми. Таа и пријателките посебно и необично многу во нивно време сакале еден млад пејач.
За него не би знаела многу да немав слушано уште од најраното детство и од баба ми, па и од мајка ми, а еве сега и јас и раскажувам на ќерка ми. Прабаба ми им се „заканила“ на моите дека ќе им се појави на сон и добро ќе ги исплаши ако не го сочуваат сеќавањето на овој ангел. Е, драга моја, тоа не било „обично момче“.
Всушност, бил обичен како и сите нас, но сепак го имал „она нешто„“ Хммм...кога велам „она нешто“, не знам што значи, онака вистински! Ми кажуваа дека тоа е било „она од Бога“.
И не би зборувала уште многу за прабаба ми, освен дека сум и благодарна што за нејзиниот „балкански принц“ се зборува сè уште и се сочувани спомените. Погледот на кутијата ми ги буди зборовите за момчето од Тошедонија...
Мојата стара „луда“ прабаба и на стари години немала страв да тргне на пат до „светото место“ за да го посети овој ангел и со тешка воздишка да се сети на него. И јас имам план да го посетам ова место, само да порасне уште малку малечкава.
Знам дека во ова гратче сите го чуваат својот принц, неговото вечно почивалиште, знам дека на некое високо брдо има манастир кој редовно го посетуваат оние кои го чуваат споменот како мене. Ги бакнуваат фотографиите кои кријат милиони желби и уште толку тајни од сите кои ја наслониле главата овде. Можеби во некој момент ќе ја почувствувам и душата на мојата прабаба...
Шетам низ спомените од прабаба ми – ЦД-еа од Тоше, пожолтени карти од концерти, стари фотографии и исечоци од весници...
Денес ова е само бајка... бајка за принц кој бил среќен, весел, разигран, сакан... Спомен од времето на прабаба ми кога Балканот живеел за неговата музика и неговиот ангелски глас. Една толку тажна и трагична бајка. За принцот кој бил млад – а, стар. Дете- а, мудрец!
И знаеш прабабичке, додека се обидувам да ги одберам зборовите за да го пренесам она што ми го раскажувала мајка ми во моите најнови сеќавања, се прашувам дали тој навистина постоел или е само некоја прекрасна легенда за ангелот кој ширел љубов. Денес е тешко да се најде таков човек, можеби затоа е тешко и да се поверува дека некогаш постоел...
Помислувам дека можеби тоа сепак било само чудесно суштество од некоја соседна планета...
Но, откако ќе се вратам во реалноста, со твоите спомени пред мене сфаќам дека ти си била среќна што си ја имала честа да живееш во времето на ова младо момче.
На нас останува да ја продолжиме приказната и сочуваме споменот за твојот Тоше...
Текстот ни го испрати Мирјана од Србија. Посветен е на нашиот ангел Тоше Проески.