7 финансиски навики кои ќе ви овозможат поубав живот (без стресови за пари)
Златно правило број 1 - не трошете повеќе од што заработувате, приспособете си го животниот стил. Правило број 2 - немојте да зависите од само еден извор на приход.
Секако дека не е лесно да се воспостават нови финансиски навики, посебно ако веќе имате проблеми во ова поле.
Но, чекор по чекор, добро е да го промените начинот на кој живеете и размислувате, за да постигнете резултат и да дојде денот кога нема да имате финансиски грижи.
Во продолжение неколку златни правила до кои треба да се држите за да преземете контрола над финансискиот живот:
Трошете помалку отколку што заработувате
Ова е правило број 1 за личните финансии – ако трошите повеќе од што заработувате, ќе завршите во маѓепсан круг на долгови од кој тешко ќе излезете.
Почнете со следење и евидентирање на трошоците и приспособете си го животниот стил врз база на приоритетите.
На почеток ќе ви биде тешко да кажувате „не“ на некои задоволства, но со тек на време ќе ви стане подобро кога ќе увидите дека ви се ставени во ред сметките, трошоците, долговите, па дури и ќе остане некој денар настрана.
Имајте фонд за итни случаи
Животот е полн со неочекувани случувања, па обидете се, зависно примањата, барем еден мал дел да го тргате настрана секој месец, додека да зачувате сума која што е еквивалентна на трошоците кои ги имате за вкупно 3-6 месеци.
Така ќе имате фонд кој ќе ви биде од корист во случај ненадејно да останете без работа или ако дојде до некој друг непланиран трошок, а ќе се спасите од стресот каде да најдете пари.
Немојте да зависите само од еден извор на приход
Во денешно време, кога има голем број опции за хонорарни работи и дополнителни извори на приход, ризично е да се оставите само со главната плата која ја добивате.
Секако, не е толку едноставно да се најде нешто дополнително, но добро е да се размислат опциите и да се работи на тоа да си обезбедите поголема финансиска стабилност и безбедност.
Може да почнете мал бизнис, да работите фриленс нешто што го сакате, или да генерирате пасивен приход од некои инвестиции – можностите се големи и добро е да имате план Б.
Избегнувајте плаќање само на минимална сума за кредитната картичка
Кредитните картички можат да бидат од корист, но зависи од тоа како ги користите.
Иако зависи од типот на картица што го имате, сепак многумина го исплаќаат само минимумот кој се бара, а со тоа влегувате во опасна замка, постојано да плаќате дополнителна камата.
Потрудете се, доколку сте во можност и доколку банката го одобрува тоа, кога ќе имате поголема сума, да ја уплатите одеднаш и побрзо да го вратите долгот.
Тргајте пари за заштеда на почеток на месецот (или кога ќе примите плата)
Односно, не чекајте да видите што ќе остане за да тргнете, бидејќи никогаш нема да остане.
Кога ќе стигне приходот, распределете ги прво автоматските и режиски трошоци, па веднаш тргнете одредена сума настрана и остатокот користете го за живот.
Поставете си јасни и достижни финансиски цели
Важно е да имате јасни цели за да имате добра насока и мотивација да ги постигнете.
Независно за што штедите, нека бидат тоа конкретни работи. Пример, ако штедите за одмор, одредете ја вкупната сума, поделете на месеци во годината и знајте дека мора да ја тргнете настрана исто како да не постои.
Инвестирајте во постојано учење и надоградување
Знаењето е моќ, навистина. Слободното време не го губете, поминувајте го во усовршување вештини, гледање курсеви, учење нови концепти за заработка, еден ден тоа ќе ви се исплати.
М. М. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





