Зошто не можете да ги видите ѕвездите додека летате со авион?
Дали и вие сте од оние патници кои зјапаат од прозорецот на авионот кон небото? Убаво е да се добие сосема нова перспектива за светот на овој начин, зарем не? Но, дали некогаш сте ги виделе ѕвездите?
Голем дел од нас не заспиваат во авион, поради тоа што сакаат да уживаат во глетката од прозорецот со часови.
Дали и вие го правите тоа?
Убаво е да се добие сосема нова перспектива за светот додека го гледате како минува под вас, нели?
Сè изгледа ситно и многу помалку значајно – но не е само погледот на земјата што изгледа поинаку.
Набљудувачки настроените патници можеби забележале дека ретко се гледаат ѕвезди додека се лета ноќе – и сега еден научник објасни зошто.
Aмериканскиот астрофизичар и научник Итан Сигел укажа на влијанието што вештачката светлина може да го има кога станува збор за набљудување на ѕвездите.
Можеби мислите дека бидејќи сте далеку од градовите кои даваат многу светлина, ѕвездите би требало да се посјајни, но дури и слабо светло во кабината на авионот може да ви го попречи погледот кон ноќното небо.
Научникот Итан Сигел објаснува:
„Ова можете лесно да го разберете ако помислите на вашата куќа ноќе. Ако внатре имате вклучени светла, а надвор е темно, кој што може да види?
Однадвор, некој што гледа внатре може да види сè што правите. Но, ако сакате да видите што се случува надвор, треба да ги изгасите светлата внатре, нели?
Како општо правило, треба да биде потемно на местото од каде што гледате отколку на местото кон кое гледате, инаку нема да можете да видите речиси ништо.
Ако не беа светлата од самиот авион, всушност ќе можевте да имате еден од најдобрите погледи на небото достапни за луѓето“.
Иако светлата во авионот се главната причина поради која обично не ги гледаме ѕвездите додека летаме, постојат и уште неколку фактори.
„Светлосното загадување“ сè уште може да има улога во видливоста на ѕвездите, бидејќи вишокот на вештачко осветлување од земјата може да ги направи помалку видливи.
Кога станува збор за природни пречки, и месечината има своја улога бидејќи нејзината светлина ги засенува ѕвездите.
Значи, летањето на голема висина можеби нема да ви даде најдобар поглед на небото – но барем сега знаете зошто.
С. С. | Црнобело / фото: pexels.com
Би можело да ве интересира:





