Пожар, убодна рана: Безбедносни совети што е добро да ги знаете
Што да правите ако ви се запали масло во тава или ако вие или некој друг е прободен со предмет како нож?
Секогаш е добро да знаете како да се извлечете од некоја опасна ситуација, дури и ако никогаш во животот не ви притреба ова знаење.
Неколку безбедносни трикови кои треба да ги запомните:
Искористете го блицот од телефонот
Во темница, блицот од телефонот може да ви послужи за на миг да заслепите личност која сака да ве нападне и со ова да си дадете можност да избегате.
Кога одите на патување, секогаш понесете антихистамини
Антихистамините се група лекови кои се користат за алергии – од алергија на полен, до реакција од убод од некој инсект.
Дури и ако немате никакви алергии, понесете ги лековите во случај првпат да дојдете во контакт со храна, растение или инсект кои може да ви предизвикаат алергиска реакција.
Секако, во ваквите ситуации веднаш побарајте и медицинска помош.
Можете да изгаснете оган со сода бикарбона
Доколку ви се запали тава со масло, никако не ставајте вода бидејќи можете да направите и експлозија.
Тавата веднаш тргнете ја од оган и во неа можете да додадете сода бикарбона.
Кога се загрева, сода бикарбоната ослободува јаглероден диоксид што ќе го „задуши“ огнот.
Кога има пожар, лазете по подот
Кога има пожар, чадот прво се акумулира на таванот.
Па, за да не вдишувате, движете се лазејќи по подот кон безбедно.
Препорачливо е и да ги заштите устата и носот со ткаенина – можете да искористите и дел од облеката.
Ако некој е прободен, не го отстранувајте предметот
Ако некој е прободен со нож или каков било друг предмет, никако немојте да го отстранувате предметот.
Предметот всушност го спречува крвавењето.
Исто така, штом не сте медицинско лице, не можете да знаете дали се повредени витални органи, а и со самото вадење можете да создадете дополнителна повреда.
Ако ви треба помош на улица, обратете ѝ се на една личност
Иако е чуден, ова е психолошки феномен кој докажано функционира.
Ако ви треба помош кога сте на отворено, со многу луѓе, мала е веројатноста некој да ви помогне ако им се обраќате на сите.
Но, ако ѝ се обратите на само една личност, помала е веројатноста да ве одбие.
Како да избегате од воден вител?
Шансите да се најдете во ваква ситуација се мали. Но, не губите ништо ако научите како да се спасите.
Најпрво, немојте да пливате во спротивна насока од вртежот бидејќи само ќе се изморите – водната струја може да биде многу силна.
Опуштете се и ако забележите дека спуштате надолу, почнете да пливате во насока на вртежот, постепено оддалечувајќи се од центарот.
Ако не можете да избегнете од центарот, тогаш нурнете и избегајте му на вртежот на дното каде што силата на водата е многу послаба.
Па, испливајте на површината.
Секако, најбезбедно е да се држите настрана од нив и да избегнувате води каде што можат да се создадат лесно.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





