Телото му се распаѓало од радијација, поминал 83 дена во агонија: Вознемирувачки детали за најболната смрт
Во 1999 година, Јапонецот Хисаши Оучи ја искусил можеби најболната смрт. Откако бил изложен на рекордно ниво радијација, неговото тело буквално се распаѓало, но по желба на семејството, лекарите не дозволувале да умре и поминал 83 дена во агонија.
За Хисаши Оучи од Јапонија се вели дека ја искусил најболната смрт.
На 35-годишна возраст, тој бил изложен на рекордно ниво радијација, но лекарите 83 дена го одржувале во живот и покрај ужасните болки што ги чувствувал.
Што му се случило на Хисаши Оучи и зошто непотребно бил измачуван?
Хисаши работел во фабрика за ураниум во Токио, каде ураниумот се преработувал за да може да се користи како гориво за нуклеарни електрани.
На 30-ти септември 1999 година, Хисаши и двајца колеги се подготвувале да стават ураниум во машина за обработка.
Максималната тежина што можеле да ја стават била 2,4 килограми, но Хисаши и еден од колегите ставиле дури 16 килограми, со што значително ја надминале безбедносната граница.
Хисаши и тројцата колеги одеднаш виделе сина светлина, по што се вклучиле сите аларми за предупредување за опасно ниво на радијација.
Хисаши, кој стоел најблиску до машината, бил изложен на 17.000 милисиверти (mSv) радијација – повеќе од кој било човек во историјата.
За појаснување, за смртоносна доза радијација се сметаат 5.000msV.
Двајцата негови колеги биле изложени на 10.000mSv и 3.000mSv, а сите тројца веднаш биле пренесени во болница.
Високите дози радијација ги убиваат клетките, но смртта не настапува веднаш.
Па, на почетокот Хисаши не забележал никакви проблеми, но со текот на времето, неговите клетки почнале да умираат побрзо и организмот немал доволно време да ги обнови.
Или, со други зборови, тој почнал да се распаѓа.
Најпрво на местата каде што лекарите му ставале инјекции, кожата почнала да му паѓа.
Набрзо потоа му се јавиле проблеми со дишењето бидејќи дробовите му се полнеле со течност и на крај бил ставен на вентилатор.
Почнале да умираат и клетките во неговиот желудник, па Хисаши се соочил со екстремни болки во стомакот.
Се јавило и внатрешно крвавење, па за да го одржат во живот, лекарите му правеле трансфузија на крв и до десетпати дневно.
Почнале да се уништуваат и неговите бели крвни зрнца и во последните денови речиси и да ги немал во организмот.
Во целата голгота, ни најсилните лекови против болка не му биле од помош.
Според некои очевидци, Хисаши „плачел солзи од крв“ и ги молел лекарите да му дозволат да умре.
На 59-тиот ден од инцидентот, срцето му откажало, но лекарите трипати го враќале во живот, наводно поради желба на неговото семејство.
Но, некои шпекулираат дека и лекарите го одржувале во живот бидејќи сакале да ги проучуваат последиците од екстремно високата радијација.
Конечно, на 21-ви декември, 83 дена по инцидентот, неколку органи на Хисаши откажале и на неговото измачување му дошол крајот.
Неколку месеци подоцна, починал и неговиот колега, исто во агонија, додека оној кој бил изложен на најмалку радијација бил пуштен дома по три месеци.
По смртта на Хисаши, јапонската влада спровела истрага која заклучила дека неколку фактори биле клучни за несреќата, вклучувајќи неадекватна обука на работниците и нивна недоволна квалификација.
Дел од надредените во компанијата биле казнети, а истовремено биле затегнати регулативите за да се зголеми безбедноста на работниците кои работат со радиоактивни материјали.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





