Морничави уметнички ремек-дела за кои сите би требало да знаат
Питер Бројгел постариот – Триумфот на смртта (De triomf van de Doods)
Во делото на Бројгел насликано во 1562 година се гледа армија од скелети која убива луѓе.
На морничавата слика се гледаат трупови, па и прегладнето куче кое јаде мртов човек, а во заднина можат да се забележат пожари.
Имено, уметникот бил инспириран од средновековниот уметнички правец познат како „Танцот на смртта“ (Danse Macabre), кој ја прикажува универзалноста на смртта.
Односно, истакнува дека смртта е неизбежна за сите живи битија.
Караваџо – Медуза (Medusa)
За својата застрашувачка слика од 1597 година, италијанскиот уметник црпел инспирација од грчката митологија.
На сликата се гледа отсечената глава на Медуза – митско чудовиште со лик на жена која има змии наместо коса.
Според митот, секој што ќе погледне во неа, е претворен во камен.
Во грчката митологија, Медуза е обезглавена од Персеј, син на богот Зевс.
Пабло Пикасо – Герника (Guernica)
На прв поглед, апстрактното дело на Пикасо од 1937 година можеби не изгледа морничаво.
Но, ако добро се загледате ќе забележите многу ликови кои изгледаат како да страдаат.
Постојат разни толкувања од страна на критичарите и историчарите на уметноста, но се верува дека „Герника“ ги прикажува хаосот и ужасот кои доаѓаат во војната.
Според некои, „Герника“ е како антивоен транспарент кој предупредува за последиците од војните.
Фрида Кало – Болницата Хенри Форд (Henry Ford Hospital)
Една од повознемирувачките слики на Фрида Кало е насликана во 1932 година и е инспирирана од болката на уметницата.
Фрида го насликала делото откако го изгубила своето бебе во третиот месец од бременоста.
Таа лежела во болницата Хенри Форд во Детроит – оттаму и името на сликата – а делото е едно од ретките во западната уметност од овој период кои прикажуваат теми како породување и абортус.
Најпрво, Фрида ја нарекла сликата „Изгубената желба“, а некогаш е позната и како „Летачкиот кревет“.
Погледнете и: Најпознатите слики од западната уметност што треба да ги знае секој од општа култура
Спирова С. | Црнобело