Нарачав вазна од TEMU, а добив слика - По 2 нарачки сфатив дека мора да го читам описот до крај
Дали сте и вие „заразени“ со порачување производи на TEMU? Јас да, од првиот момент кога почнаа да работат во Македонија. Но, по 2 нарачки, додека чекам да стигнат следните, сфатив дека МОРА да читам што пишува во описот на продуктите, до крај!
Јас сум од оние луѓе што секогаш сакаат да си купат некое евтино „џиџе-миџе“ за себе, за дома, за блиските... Од патувања, мислам дека се враќам со повеќе сувенири и поклони, отколку со било што друго.
Ни купувањето на TEMU не е различно. Во првиот момент кога најавија дека ќе вршат достава за Македонија, ја симнав апликацијата и првата нарачка ја направив „рандом“.
Во „корпата“ ставив сè што ми се виде симпатично и кликнав на „купи“.
Бидејќи бев генерално задоволна од работите што ми стигнаа, решив да направам и втора нарачка, а брзо потоа уште 3-4.
Но, како стигнуваа нарачките, сфатив дека мора, ама МОРА да го читам до крај описот, зашто тоа што мислев дека сум го порачала и тоа што навистина сум го порачала се две различни работи.
Уште кога ја правев првата нарачка, видов десетина убави вазни, што одлично би ми се вклопиле дома, но сите беа пластични.
Кога после некое време видов керамичка вазна - кликнав „купувај“...
Дури откако ми стигна порака дека една од пратките поминала царина, решив да погледнам кој пакет ќе дојде прв.
Дури тогаш сфатив дека не сум порачала керамичка вазна, туку „керамичка вазна - уметничко дело на платно за врамување“. Не е дури ни врамена слика.
И еве ја, ми стигна вчера, па сега се мислам дали: А) Да ја фрлам; Б) Да ја користам како mouse pad; В) Да ја ставам во некоја фиока или во плакар како „подметач“?
Што е - тука е, барем не ја платив скапо, па се изнасмеав на сопствената глупост.
Ова е втората работа што ја згрешив затоа што не читам до крај.
Претходно згрешив и мерки на фустан, а само затоа што не видов дека има „стандардни“ и „ЕУ“ димензии.
Дополнително, не ги прочитав и рецензиите, кои велеа - фустанот е помал, порачајте си еден број поголем.
Па така, сега имам преубав фустан, кој ми е тесен кај рамениците.
Синоќа пак се залетав да порачам една фотелја за тераса, но ми текна дека сигурно нема да чини само 600 денари - па кога исчитав до крај (изгледа се опаметив) прочитав дека и тоа е слика за на ѕид, со димензии 80х120cm.
Додуша, ако ми е за утеха, дознав дека не сум единствената што не чита до крај, па порачува „погрешни“ работи.
На Фејсбук, во групата „TEMU Македонија искуства и препораки“, неодамна видов и пост од жена која вели дека порачала едно, а добила друго.
Таа вели: „Последниве нарачки се покајав што ги нарачав, грешно ли прочитав, ама сфатив дека сум направила грешка.
Ранерот за на маса е мушама, а декорациите мислев дека се порцелански, но се чиста пластика, плосната слика.
Совет: Да читам убаво што порачувам“.
Затоа совет за мене (но и за сите):
„Во иднина повеќе внимание и нема да има вакви грешки при порачувањето“.
Прочитајте и: Ми стигна првата нарачка од TEMU, ја чекав до Скопје 3 недели - Што очекував, а што добив?
А. Ј. | Црнобело