Бонтон грешки со кои несвесно го иритирате персоналот во ресторан (и им ја отежнувате работата)
Со едно кафе, седите по неколку часа и одите во ресторан кога е очигледно дека сте болни.
Кога сме во ресторан, бар или сличен локал, сите правиме некои грешки.
Во повеќето случаи, овие грешки ги правиме несвесно и иако ова му е јасно на персоналот, сепак им ја отежнува работата.
Па, кои неучтиви работи треба да престанете да ги правите во ресторан?
Ја окупирате масата многу долго
Времето коешто ќе го поминете во локалот зависи и од тоа што ќе нарачате.
На пример, ако нарачате само кафе, немојте да седите на масата со часови.
Ако сте отидени на ручек, нема потреба да седите повеќе од еден час
Ако сте излезени ноќе, со друштво, и имате поголема нарачка, тогаш е во ред да останете и подолго.
Но, не чекајте келнерите да ги исклучат светлат пред затворање за да си заминете.
Ставате салфети во чиниите
Ова е навистина честа грешка со која луѓето мислат дека помагаат.
Немојте да ги ставате салфетите или крпите за бришење во валканите чинии бидејќи им создавате дополнителна работа на келнерите.
Ако во ресторанот има крпи, оставете ја вашата покрај чинијата.
Ако има салфети, немојте стуткани да ги фрлате каде било, туку уредно ставете ги до чинијата.
Одите во ресторан кога сте болни
Разбирливо е дека не ви се готви кога сте болни, но немојте да одите во ресторан каде што ги изложувате другите на ризик.
Подобро е да си нарачате храна дома ако немате енергија за готвење.
Ги ставате чиниите една врз друга
Уште една грешка со која луѓето мислат дека им помагаат на келнерите.
Некогаш на чиниите останува храна, па ако ги наредите една врз друга, ќе ги извалкате од двете страни.
Оставете ги келнерите сами да ги соберат.