Хари ќе му биде замена додека да порасне: Што ако принцот Џорџ стане крал пред да наполни 18?
Принцот Хари може да биде назначен за регент, односно владетел кој го заменува монархот додека Џорџ да стане полнолетен и способен за извршување на кралските должности.
Откако британското кралско семејство соопшти дека кралот Чарлс боледува од рак, на социјалните мрежи почна да се дискутира за пророштво од Нострадамус кое наводно предвидува дека тој кратко ќе седи на тронот.
Но, набрзо потоа јавноста дозна дека и Кејт Мидлтон има рак, по што почнаа да се јавуваат гласини дека Вилијам можеби и ќе се откаже од тронот.
Наследникот на Вилијам е неговиот најстар син, принцот Џорџ, па среде сите случувања, почна да се шпекулира дека младиот принц можеби ќе стане крал уште пред да наполни 18.
Во минатото, многу монархии имале деца на чело, но ова не значи дека децата управувале со кралството.
Па, што ќе се случи ако принцот Џорџ седне на тронот додека е малолетен, па и дете?
Ќе биде назначен регент
Регент е привремен владетел кој го заменува монархот.
Според протоколот на британската монархија, регентот би го менувал принцот Џорџ додека да стане полнолетен, но и способен да се сноси со одговорностите што ги носи титулата крал.
Во британската монархија може да се назначи регент во неколку случаи – ако кралот е малолетен, ако не е способен да ги врши должностите поради болест или друго ограничување и доколку е во странство подолг период.
Последен пат британската монархија имала регент во 19-тиот век, кога тогашниот крал Џорџ Трети не бил способен да управува со кралството поради влошено ментално здравје.
Регент на кралот беше неговиот син, кој подоцна, по смртта на Џорџ Трети, го наследи тронот.
Регент обично станува оној кој би бил наследник на кралот, но под услов да има најмалку 21 година.
Ова значи дека братот и сестрата на принцот Џорџ не можат да бидат негов регент бидејќи се малолетни.
Принцот Хари би можел да стане регент
По децата на Вилијам и Кејт, принцот Хари е следниот наследник. А, бидејќи е возрасен, ова значи дека има шанси тој да стане регент на принцот Џорџ.
Сепак, сегашната ситуација со Хари и кралското семејство е мошне комплицирана.
Според протоколот, регентот мора да живее во Обединетото Кралство и тоа да му биде постојан дом.
Иако Хари моментално живее во САД, тој не е американски државјанин, што значи според документите, Обединетото Кралство сè уште му е дом.
Но, Хари сепак ќе мора да се врати во палатата ако ја преземе оваа улога.
Доколку тој не стане регент, титулата ќе му припадне на контроверзниот принц Ендру, на кого кралицата Елизабета му ги одзеде титулите поради неговата поврзаност со педофилот Џефри Епстајн.