Морничави нерешени мистерии од реалноста кои ќе ве држат будни навечер
Во 2019-та, Американката Ели Грин дознала дека мајка ѝ починала во психијатриска установа. Или, барем ова го тврдел татко ѝ. Кога Ели отишла да извади посмртница за мајка си, сфатила дека воопшто не била заведена како мртва. До денес, Ели не знае дали мајка ѝ е навистина мртва или исчезната.
Навистина е морничаво колку убиства и исчезнувања остануваат нерешени. И покрај обемните истраги, полицијата и детективите некогаш не успеваат да најдат ни осомничени.
Шест нерешени мистерии од кои ќе ве полазат морници:
Анџела Грин
Ели Грин е млада девојка која веќе со години пробува да открие што се случило со мајка ѝ Анџела.
Ели последен пат ја видела мајка си во јуни 2019-та во нејзиниот дом.
Мајка ѝ страдала од депресија и анксиозност, а еден месец по нивната последна средба, татко ѝ ѝ соопштил лоши вести – Анџела била однесена во психијатриска установа, каде што починала.
Ели имала многу прашања во врска со смртта на мајка си, но татко ѝ секогаш ги избегнувал. Единствено ѝ рекол дека не сака да прават погреб, а Ели ја почитувала оваа негова желба.
Во февруари 2020-та, таа решила да отиде да ја побара посмртницата на мајка ѝ. Но, на нејзино големо изненадување, надлежните ѝ кажале дека не постои таква посмртница, по што Ели сфатила дека татко ѝ најверојатно ја лажел.
Ели отишла во полиција, но татко ѝ одбивал да разговара со детективите. А, бидејќи нема никакви докази дека татко ѝ направил нешто, никој не може да го натера да зборува.
Па, до денес, Ели не знае дали мајка ѝ е навистина мртва или исчезната.
Ели Грин
Кајл Флејшман
Исчезнувањето на Кајл Флејшман е морничав потсетник дека и најобичното излегување со пријатели може да се претвори во трагедија.
На 8-ми ноември 2007 година, Кајл и негов пријател отишле во бар. Испиле неколку пијачки, по што пријателот на Кајл посакал да си оди дома.
Во тој момент Кајл зборувал со девојка што ја запознал во барот, па му рекол на пријателот дека ќе остане уште малку.
Според безбедносната камера од барот, кратко пред да излезе надвор, Кајл разговарал со два-тројца мажи.
Околу 2:30 часот, тој излегол од барот, но си ги оставил палтото и картичката. Друштво му правела девојката што ја запознал.
На безбедносна камера од улицата, Кајл бил снимен како влегува во пицерија. Според касиерот во пицеријата, тогаш бил многу пијан.
Откако излегол од пицеријата, направил неколку телефонски повици – до татко му, цимерот, сестра му и пријателот со којшто излегол. Ѕвонел многу кратко, па никој не му одговорил.
По ова, на Кајл му се губи секаква трага.
Полицијата го барала и со кучиња, кои го почувствувале мирисот на Кајл во близина на градилиште. Но, не било најдено никакво тело.
До денес не се знае што се случило со Кајл – некои веруваат дека паднал во дупка на градилиштето каде што денес има згради, додека татко му смета дека бил ограбен и убиен бидејќи се движел низ опасно соседство.
Алексис Патерсон
Алексис Патерсон се води за исчезната од 2002-ра, кога имала седум години.
Последен пат е видена кога нејзиниот очув ја однел на училиште, но наводно девојчето воопшто не влегло во зградата.
Поради ова, се претпоставува дека мајка ѝ или очувот се вмешани во нејзиното исчезнување.
Според очувот, тој ја испратил Алексис до близина на училиштето, по што таа продолжила да оди со петтоодделенец што го познавала.
Изјавите на сведоците се различни – некои велат дека ја виделе Алексис во училишниот двор, други тврдат дека воопшто не се појавила тоа утро.
Според психолози од ФБИ кои го истражувале односот на Алексис и мајка ѝ, сосема возможно е таа да ја убила.
Постои и теорија дека била киднапирана.
Но, проблемот е што нема докази за ништо – ниту дека е киднапирана, ниту дека е убиена.