10 грешки поради кои новата облека за кратко време ви изгледа износено и парталаво
Облеката ја сушите кога сонцето е најсилно, парфемот го прскате директно на облеката, пред да ги ставите во машина за перење, парчињата ги сортирате само по боја... Кои се најголемите грешки поради кои новата облека предвреме ни делува износено и парталаво?
Замислете – само што купивте прекрасен фустан, но по само едно перење тој избледе, а го перевте на 30 степени, како што пишува на етикетата...
За жал, производителите на облека и обувки не пишуваат секогаш што сè треба да направите за новите работи подолго време да го задржат сјајот. Притоа и ние повремено правиме грешки поради кои предвреме новата облека ја претвораме во „партали“.
Кои се најголемите грешки што ги правиме, а поради кои новите парчиња за кратко време почнуваат да личат на износени и стари?
Не носите шорцови под фармерките
Иако делува смешно, ако облечете шорцови или барем хулахопки под фармерките, тие нема да се кинат многу брзо. Ова особено им се препорачува на луѓето со поголеми колкови, чии нозе се тријат една од друга.
Дополнителното парче платно ќе го спречи брзото кинење или литење на фармерките.
Ранецот го уништува изгледот на гардеробата
Кога ќе ставите ранец на грбот, тој се трие од облеката, па по некое време почнува да остава ситни парченца врз неа. Ова особено се однесува на рачките кои се уништуваат најлесно.
А облеката по некое време почнува да ја губи првичната свежина и убавиот изглед.
Ставаме парфем директно на облеката
Некои парфеми или тоалетни води оставаат дамки поради состојките од кои се направени.
Затоа не е препорачливо да ги нанесувате директно на облеката, туку на телото.
Облеката ја пеглате од надворешната страна
Облеката, особено ако е во темна боја или од синтетика, секогаш пеглајте ја од внатрешната страна.
Само на тој начин ќе ѝ ја задржите подолго време свежината.
Облеката за перење ја сортирате само по боја
Пред да ја ставите облеката во машина за перење, ја делите по боја.
Но, потребно е да ја поделите и според материјалот од кој е изработена, а тенките, деликатни парчиња да не ги мешате со фармерки, дебели јакни или волнена облека.
Тешкиот, груб материјал ги уништува тенките парчиња.