Добил смртна казна за убиството на сопругата, иако немало цврсти докази - Бизарниот случај што е инспирација за „Gone Girl“
Кога сопругата на Скот исчезнала, сите мислеле дека била киднапирана. Но, штом било пронајдено нејзиното тело, Скот станал главниот осомничен и за јавноста, и за властите. Без разлика што немало цврсти докази, Скот добил смртна казна поради неговото однесување пред и по исчезнувањето на сопругата. Што точно се случило?
Убиството на Ласи Питерсон своевремено бил најпознатиот ваков случај во САД. Медиумите и јавноста будно го следеле секој чекор од истрагата, додека авторката Џилијан Флин изјави дека книгата Gone Girl (Ејми ја нема) e донекаде инспирирана од слуајот. Според книгата е снимен и истоимениот филм со Бен Афлек во главната улога.
Скот и Ласи Питерсон се запознале во 1995 година додека биле студенти.
Се венчале во 1997-ма и неколку години имале свој ресторан за брза храна. Откако го продале ресторанот, се преселиле во родниот гранд на Ласи – Модесто, Калифорнија
Овде планирале да основаат семејство и Ласи останала бремена.
Но, во декември 2002 година, додека била во осмиот месец од бременоста, Ласи исчезнала.
На 24-ти декември, очувот на Ласи пријавил во полиција.
Сопругот Скот, пак, ѝ кажал на полицијата дека тој ден неговата 27-годишна сопруга планирала да го изнесе кучето на прошетка. Пред таа да излезе, Скот отишол да лови риба, што значи според неговото сведоштво, Ласи некој период била сама дома.
Кога Скот се вратил дома, автомобилот на Ласи бил во дворот, но куќата била празна.
Тој се загрижил и почнал да ги прашува соседите да не ја виделе, а потоа се јавил на мајка ѝ и нејзиниот очув кои пријавиле во полиција.
До 28-ми декември, семејството на Ласи нудело награда од 125.000 долари за оној кој ќе ја најде Ласи. Низ градот залепиле и летоци, а во истрагата се вклучиле и агенти од ФБИ.
На новогодишната ноќ, над 1.000 луѓе од гратчето ја барале Ласи во околните шуми и паркови.
Случајот привлекол огромно внимание и американските медиуми редовно ги споделувале сите детали.
И семејството на Ласи честопати давало изјави, како и детективите кои работеле на случајот. Токму овие изјави имале огромно влијание врз мислењето на јавноста, а можеби и казната што ја добил Скот.
Истрагата ја воделе детективите Ален Врокини и Џон Булер. Кога пристигнале во домот на парот, ги нашле клучевите и паричникот, заедно со чантата на Ласи. Од ова претпоставиле дека дефинитивно не си заминала сама.
Додека полицијата сè повеќе почнала да се сомнева во Скот, родителите на Ласи пробувале да му ја подобрат репутацијата и упорно изјавувале дека тие биле совршен пар.
Во јануари 2003 година, се дознало дека Скот имал две афери пред Ласи да исчезне.
Едната од жените со која имал афера самата се јавила во полиција, истакнувајќи дека кога го сретнала, Скот ѝ кажал дека е сингл.
Исто така, жената изјавила дека две седмици пред Ласи да исчезне, Скот ѝ кажал дека е вдовец.
Овој период, семејството на Ласи изјавило за медиумите дека повеќе не ја зазема страната на Скот. Но, тој уште не бил официјално прогласен за осомничен.
Во меѓувреме, потрагата по Ласи траела, а семејството ја зголемило наградата на 500.000 долари за нејзиното прнаоѓање.