Цел живот се бореше со зависност, се удави под дејство на дрога – трагичниот живот на Витни Хјустон
Витни Хјустон првпат пробала дрога заедно со нејзиниот брат кој до денес се чувствува виновен што го дозволил тоа. До крајот на животот, пејачката не успеа да се ослободи од зависноста и на 49 години се удави во нејзината када со големо количество кокаин и антидепресиви во телото.
Цела деценија по нејзината смрт, Витни Хјустон сè уште важи за еден од најмоќните вокали кои се појавиле на музичката сцена.
И покрај огромната популарност, животот на Витни беше исполнет со трагедии, вклучувајќи и долга битка со зависност од дрога.
Во 2012 година, таа се удави во кадата во нејзиниот дом додека била под дејство на кокаин.
Неколку факти за трагичниот живот на Витни Хјустон:
До 22-годишна возраст беше милионер
Витни Хјустон почнала да пее уште како дете. Охрабрена од мајка ѝ, која самата е музичар со Греми награда, таа станала дел од црковен хор во Њу Џерси.
Витни стекна слава на многу рана возраст – нејзиниот прв албум беше пуштен во продажба во 1985-та, кога таа имаше 21 година.
Самата има изјавено дека славата на толку рана возраст имала последици.
„Немав време да пораснам. Немав време да одам на забави. Во 20-тите не излегував ни на состаноци.
Не бев вообичаена 20-годишна млада жена која минува низ фазите на животот. Бев милионер додека да наполнам 22 години“.
Во детството била малтретирана
Според близок пријател на починатата пејачка, во детството таа била сексуално малтретирана од нејзина братучетка.
„Имаше нешто многу вознемирувачко кај неа, бидејќи никогаш не изгледаше како да ѝ е удобно во нејзината кожа.
Сум гледал луѓе кои во детството биле жртви на сексуален напад, а нешто во нејзиното однесување ме потсетуваше на тоа“, сподели тој во интервју за Vanity Fair.
Подоцна, поранешната асистентка на пејачката – Мери Џоунс – ја потврди приказната:
„Ме погледна и ми рече: ’Мери бев сексуално нападната на рана возраст. Но не од маж, туку од жена‘. Имаше солзи во очите, па ми рече ’Мама не знае низ што поминав‘.
Ја прашав дали ѝ кажала на мајка ѝ, и ми рече не. Солзите ѝ течеа по лицето, па само ја прегрнав и ѝ реков ’Еден ден, кога ќе собереш храброст, ќе ѝ кажеш на мајка ти‘“.
Првпат пробала дрога со брат ѝ
Во 2013 година во интервју со Опра, братот на Витни, Мајкл, откри дека на некој начин тој ја натерал да проба дрога. Но, воопшто не очекувал дека пејачката ќе излезе од контрола.
„Се чувствувам одговорен што дозволив толку да се влоши ситуацијата. Отсекогаш бевме заедно и таа ме следеше – ја научив да вози. Си игравме заедно и правевме сè што прават сите додека растат.
И, кога пробав дрога, проба и таа и ситуацијата излезе од контрола“.
Во интервјуто, Мајкл додава дека целиот живот ќе ја носи вината за зависноста, а со тоа и смртта на Витни.
Витни водеше долга битка со зависноста
Во 2002 година, пејачката отворено прозборе за зависноста од алкохол, лекови и супстанци како кокаин.
Таа сподели дека одела на многу забави и постојано била под дејство на нешто.
Во истото интервју, таа изјави дека тоа поглавје од нејзиниот живот е завршено, но набрзо потоа повторно им се врати на пороците.
Една година пред смртта, Витни по којзнае кој пат отиде на рехабилитација и, според извори блиски до неа, тогаш била сигурна дека еднаш засекогаш ќе стави крај на зависноста.