Страдал од „синдром на врколак“, го третирале како животно – потресната приказна на мажот кој е инспирација за „Убавицата и ѕверот“
Поради густите влакна на целото тело, Петрус Гонсалвус, но и неговите деца, биле третирани како животни, па дури и ги подарувале како миленици. Иако извесен период тој имал добар живот благодарение на кралот Хенри Втори од Франција, по неговата смрт морал да трпи понижувања и навреди бидејќи луѓето сметале дека не е човек. Се верува дека е инспирација за приказната на „Убавицата и Ѕверот“.
Петрус Гонсалвус бил роден во 1537 година на Канарските Острови и страдал од хипертрихтоза – нарушување поради кое целото тело му било покриено со густи влакна.
Се верува дека неговиот живот е инспирација за познатата бајка „Убавицата и ѕверот“.
Нарушувањето што го имал Петрус може да предизвика растење на густи влакна на некои делови од телото, но кај него било распространето низ целото тело.
Нарушувањето е познато и како „синдром на врколак“ поради изгледот што му го дава на пациентот.
Своевремено, Петрус бил познат и како „мажот од шумата“, а поради нарушувањето бил доста познат во Франција и Италија каде што живеел.
Кај некои луѓе нарушувањето може да се јави подоцна во животот, но Петрус бил роден со него. Поради ова, во детството бил исмејуван, затворан во кафез и третиран како животно бидејќи луѓето сметале дека не е човек.
Портрет на Петрус од 1580-тите
Во 1547 година Петрус бил испратен во Франција во кафез како подарок за крунисувањето на кралот Хенри Втори.
За среќа, во новиот дом Петрус не бил третиран како животно – кралот и локалните лекари заклучиле дека станува збор за „човечко дете“ и почнале да го третираат со достоинство.
Кралот Хенри, пак, решил и да го образува тогаш 10-годишниот Петрус и да му помогне да стане активен член на општеството.
Кралот Хенри Втори
Петрус се покажал како добар ученик, научил да зборува неколку јазици и почнал да се однесува како вистински аристократ.
По смртта на кралот Хенри, Петрус останал во сопственост на неговата вдовица – Катерина де Медичи.
За разлика од Хенри, Катерина била по малку злобна личност, па решила да направи експеримент со Петрус. Таа сакала да дознае какви деца ќе добие Петрус ако се венча со млада и убава девојка.
Кралот Хенри и сопругата Катерина
По малку истражување, Катерина ја нашла совршената девојка за Петрус која исто така се викала Катерина.
Младата девојка и Петрус се запознале дури на денот на нивната венчавка. Иако Катерина била изненадена од изгледот на нејзиниот сопруг, тоа за неа не претставувало никаков проблем.
Сопругата на Петрус - Катерина
Петрус и Катерина имале седум деца, од кои четири го наследиле синдромот на татко им. Поради ова, вдовицата на кралот Хенри била особено среќна бидејќи успеала да создаде нејзино „диво семејство“.
Иако благодарение на кралот Петрус имал колку-толку добар живот, по неговата смрт тој и неговите деца постојано биле исмејувани и голем дел од луѓето сè уште биле убедени дека тие се само животни.
Две од децата на Петрус и Катерина
Петрус и децата можеле да заработат доволно за пристоен живот поради нивниот невообичаен изглед, но морале да трпат понижувања кои го рушеле нивното достоинство.
Петрус и семејството патувале низ европските градови, за на крај да се преселат во Парма, Италија. Овде тие не биле слободни луѓе, туку во сопственост на богат војвода кој значително им го влошил животот.
Портрет на една од ќерките на Петрус направен во 1583 година
Војводата ги експлоатирал четирите дечиња на Петрус, а на крај ги подарил на други аристократи кои ги гледале како миленици, односно животни.
Портрет на една од ќекрите на Петрус направен во 1580-тите
Петрус и Катерина биле во брак над 40 години, односно до крајот на нивните животи. Познато е дека Катерина починала во 1623 година, но не е познато колку долго живеел Петрус. Се верува дека умрел неколку години пред сопругата.
Сепак, луѓето не го сметале за човек, а со тоа верувале и дека не е достоен за христијански погреб, па никој не ја ни запишал неговата смрт.
Петрус и сопругата Катерина
Со текот на времето приказната на Катерина и Петрус се прославила, па се верува дека станала инспирација за познатата бајка „Убавицата и ѕверот“ која првпат била издадена во 1740 година во Франција.
Спирова С. | Црнобело