„Никогаш нема да стигнете до никаква вистина без да направите 14 грешки“ - најдобрите цитати од „Злосторство и казна“ на Достоевски
Сите ги имаме читано руските класици во средно училиште и најверојатно поголемиот дел од вас мислеле дека се досадни. Сепак, препорачуваме да ги препрочитате уште еднаш откако ќе навлезете во зрелите години за да ја воочите нивната вистинска убавина и мудрост.
Како инспирација направивме избор на неколку цитати од „Злосторство и казна“, познатиот руски класик на Фјодор Достоевски од 1866 година.
Но прво неколку зборови за книгата.
Емотивно растроениот студент Родион Раскољников убива и ограбува две жени за да докаже дека тој е еден од „избраните“ големи луѓе како што бил Наполеон и дека може да одзема човечки животи во име на повисока цел.
Романот е всушност контемплација за природата на доброто и злото и е филозофска критика на нихилизмот, којшто бил популарен во 19 век. Името на главниот актер, Раскољников, произлегува од зборот „раскол“ – поделба, опозиција.
„Болката и страдањето се секогаш неизбежни за големата интелигенција и за длабокото срце. Вистински големите луѓе мораат, јас мислам, да доживеат и голема тага на земјата.“
„Човекот има сè во своите раце и остава тоа да му се лизне низ прстите од обичен кукавичлук.“
„Никогаш нема да стигнете до никаква вистина без да направите четиринаесет грешки и многу веројатно уште сто и четиринаесет.“
„Самото постоење отсекогаш било премалку за него, тој отсекогаш сакал повеќе.“
„Колку потемна е ноќта, толку посветли се ѕвездите. Колку подлабока е тагата, толку поблиску е Бог.“
„Правењето на нов чекор, кажувањето на нов збор, е она од што најмногу се плашат луѓето.“
„Потребно е нешто повеќе од интелигенција за да се однесувате интелигентно.“
„Човекот е одвратно суштество! … И одвратен е оној којшто го нарекува човекот одвратен заради тоа.“
„Јас не ти се поклонив тебе, јас се поклонив на целото страдање на човештвото.“
„Брате, брате, што кажуваш? Зошто си пролеал крв?“ извика Дуња во очај. „Она што го пролеале сите луѓе“, додаде тој скоро налудничаво, „она што тече и отсекогаш течело во реки, она што се истура како шампањско и за кое луѓето се крунисувани во Капитол и подоцна се нарекувани добротвори на човештвото… доколку успеев и јас ќе требаше да бидам крунисан во слава, но сега јас сум во стапица.“
„Не можам да разберам зошто е почесно да се бомбардира некој град под опсада, отколку да се уништи со помош на ударите на секирата.“
(О)Милена | Црнобело