„Мурго и коската“ и уште 4 кратки раскази на Толстој кои носат големи мудрости
Сите знаеме кој е Лав Николаевич Толстој, но дали знаете дека освен долги романи, тој пишувал и кратки раскази кои и ден-денес може да ви донесат големи мудрости?
Во минатото, освен што се изучувале големите романи како „Ана Каренина“ и „Војна и мир“, децата уште од прво или второ одделение се запознавале со кратките раскази на Толстој, преку збирката насловена „Раскази од азбуката“.
Некои се во форма на басни, а други во форма на кратки мудри приказни, но ќе ви се допадне тоа што во текстови од по само неколку реченици, големиот мајстор на руската литература успеал да собере големи мудрости.
Одлични се за читање со децата во пониските одделенија, па затоа сè уште некои наставници сакаат да ги вклучуваат во своите часови и наставни програми.
Прочитајте пет кратки раскази од Толстој:
Мурго и коската
Мурго поминуваше на едно мовче со коска во устата. Си ја виде сенката во водата. Му дојде на Мурго на ум дека тоа во водата не е сенка, туку друго куче со коска.
Тој ја испушти својата коска за да ја земе онаа од водата. Неа не ја зеде, а својата ја пушти да отиде на дното.
Лакомото глувче
Глувчето го гризеше подот и направи процеп. Глувчето се провлече низ процепот и најде многу јадење.
Глувчето беше многу гладно и јадеше толку многу што му се наполни мешето.
Кога се раздени, глувчето тргна да си оди, но мешето му беше толку полно што не можеше да се провлече низ процепот.
Бабата и кофата
Носела бабата кофа вода. Кофата била дупната. Водата течела на земја.
А бабата се радувала дека ѝ станувало сè полесно.
Стасала дома, ја симнала кофата и гледа - вода нема.
Слепиот и фенерот
Слепиот си одеше дома. Беше ноќ. Слепиот пред себе носеше фенер.
Колку глупав слепец, носи фенер пред себе, а самиот е слеп – зошто му е светлина?
Е, фенерот му е потребен за неслепиот да не се сопне во него.
Васја и четирите копејки
Васја имал четири копејки. Тој влегол во дуќан, купил колаче и му дале кусур една копејка. Тој си отишол дома. На патот сретнал еден просјак.
„Подај нешто, жити Бога“, рекол просјакот.
На Васја му било тешко да му го даде колачето. Тој му ја дал копејката. Потоа му станало жал за просјакот. Тој се вратил и му го дал и колачето.
Б. С. Б. | Црнобело