Имаше проблеми со зависност, ќерка ѝ почина веднаш по породувањето: Факти за Хуанита од „Очајни домаќинки“
„Имаше луѓе кои пишуваа коментари дека посакувале да умрам поради начинот на којшто сум изгледала. Беше ужасно, ме нарекуваа ’грда, дебела крава‘“, вели актерката која ја глумеше Хуанита за периодот кога се емитуваше хит-серијата.
Медисон Де Ла Гарза ѝ е позната на јавноста по улогата во „Очајни домаќинки“, каде што ја глуми Хуанита – ќерката на Габриел и Карлос.
Слаткото полничко девојче се претвори во вистинска убавица, но и се соочи со предизвици во животот.
Неколку факти за Медисон Де Ла Гарза:
Деми Ловато ѝ е сестра
Медисон ѝ е сестра, односно полусестра на пејачката Деми Ловато.
Тие имаат иста мајка – Дијана Де Ла Гарза.
Родителите на Деми се развеле, по што мајка ѝ Дијана се венчала со таткото на Медисон.
Деми нема контакт со татко ѝ, но е во добар однос со мајка ѝ, сестра ѝ Медисон, како и новиот сопруг на мајка ѝ.
Почнала да глуми на шест години
Медисон ја почнала актерската кариера со улогата по која е препознатлива и денес.
На само 6-годишна возраст, таа почна да ја глуми Хуанита од хит-серијата „Очајни домаќинки“.
Медисон беше дел од серијата до нејзиното финале во 2012 година.
Оттогаш се има појавено и во други серии, како Bad Teacher, а го има и позајмувано гласот за анимирани проекти, како филмот Gnome Alone.
Се соочувала со онлајн булинг уште во деството
Уште на почетокот на кариерата, Медисон се соочувала со погрдни коментари на сметка на изгледот.
„Имаше луѓе кои пишуваа коментари дека посакувале да умрам поради начинот на којшто сум изгледала. Беше ужасно, ме нарекуваа ’грда, дебела крава‘.
Видов и коментар кој гласеше ’се надевам дека ќе умреш бидејќи си дебела‘. Ужасни, ужасни работи, и сето ова кога имав шест, седум години“, изјави Медисон во интервју од 2023-та.
Медисон вели дека нејзините родители не ни биле свесни дека таа ги чиста коментарите.
„Никој од моето семејство не знаеше што се случува бидејќи кришум ги читав овие коментари“.
22-годишната девојка изјави и дека проблем било што нејзиниот изглед бил тема на шеги и во серијата.
„Мојата тежина ја имаше во самото сценарио.
Шегата околу мојот лик беше тоа што ликот на Ева Лонгорија е убав слаб модел, додека ќерка ѝ е потполно спротивното“.
Имала нарушување во исхраната
Поради погрдните коментари, Медисон не само што имала проблеми со самодовербата, туку развила и нарушување во исхраната.
„Сите коментари имаа влијание врз моето ментално здравје и кулминираа со нарушување во исхраната на многу рана возраст“.
Пред година-две, Медисон откри дека успеала да се справи со нарушувањето во исхраната, но дека повремено уште има проблеми со самодовербата.
Имаше проблеми од зависност
Во 2023 година, Медисон откри дека имала проблем со зависност, но не сподели дали станува збор за дрога или алкохол.
Кога зборуваше за зависноста, таа истакна дека е трезна скоро 250 дена, како и дека добила огромна помош од сестра ѝ Деми.
„Имав многу проблеми пред да се ослободам од порокот. Минатата година само сакав да останам во креветот и да се скријам од светот.
Најдобриот пријател ми беа супстанциите што ги користев и што ме оттргнуваа од другите.
Кога сфатив дека сето ова има влијание не само врз односот со пријателите, туку и со мајка ми, знаев дека морав да направам промена“.
Неодамна го изгуби детето
На почетокот од септември 2024-та, Медисон откри дека со дечко ѝ Рајан Мичел очекуваат дете.
Но, на 26-ти октомври, откри дека имала итен царски рез и детето починало.
„Ноќта на 27-ми септември, по итен царски рез, јас и Рајан го зедовме нашето девојче во раце за прв и последен пат“, напиша таа на Инстаграм.
И Деми Ловато се огласи за смртта на внука ѝ:
„Благодарна сум што имав можност да те држам во раце. Засекогаш ќе бидам твоја тетка“.
Сака да стане режисерка
Веќе извесен период, Медисон прави пауза од актерската кариера и се посвети на режијата.
Таа има изјавено дека ѝ било преку глава од стеротипите и дискриминацијата што ја трпат многумина во филмската индустрија.
Па, во улога на режисер, вели дека сака да ги сподели приказните кои заслужуваат да бидат раскажани.
Спирова С. | Црнобело