Спасил над 1.000 Евреи, умрел во сиромаштија: Вистинската приказна за Оскар Шиндлер (и неговата листа)
Користејќи ги своето влијание и своето богатство, Оскар Шиндлер спасил над 1.000 Евреи од сигурна смрт во Втората светска војна. По завршувањето на војната, не успеал да си го врати богатството, а многу години по неговата смрт, светот не бил свесен за неговото хумано дело.
Холокаустот е една од најголемите трагедии со кои се соочило човештвото во поново време.
За време на Втората светска војна, нацистичкиот режим во Германија бил одговорен за систематско убивање на милиони Евреи, но и други народи и групи луѓе, како Роми, Словени, луѓе со инвалидитет, хомосексуалци…
Сепак, и во ваква криза, некои луѓе давале сè од себе за да помогнат.
Еден од нив е Оскар Шиндлер, моќен бизнисмен кој спасил над 1.000 Евреи од сигурна смрт.
Неколку детали за животот и херојските дела на Оскар Шиндлер:
Оскар Шиндлер бил роден во 1908 година во поранешна Австроунгарија, од родители со германско потекло.
Одел во неколку различни училишта, а потоа со години се обидувал да стане бизнисмен - продавал земјиште, отворил училиште за возење, продавал земјоделска опрема...
Оскар живеел на област во Австроунгарија на која доминирало население од Германија.
Поради ова, верувал дека тој дел од земјата ѝ припаѓа на Германија, па пред почетокот на војната сметал дека има исти идеали со нацистичката партија.
Тој добил и работа во германските вооружени сили, но нема многу докази за тоа што точно правел.
Сепак, во некои документи е наведено дека бил опишуван како Оскар како „особено опасен шпион“.
Некои историчари веруваат дека можеби и тој имал важен удел во планирањето на инвазијата на Полска од страна на Германија.
Во 1939-та, станал официјален член на нацистичката партија, иако историчарите велат дека не им е познат точниот мотив зад ова.
Некои сметаат дека на почетокот само верувал во истата идеологија како и нацистите, додека некои веруваат дека размислувал како бизнисмен и членството во партијата го гледал како нешто добро за неговиот бизнис.
По окупацијата на Полска во 1939-та, Оскар се преселил во Краков.
Дотогаш, многу Евреи биле избркани од своите домови и почнале да живеат во гета, а нацистите го префрлале нивниот имот на свои луѓе.
Оскар го искористил ова, па купил фабрика – Emalia – која претходно била во сопственост на Евреин.
Најпрво, фабриката произведувала кујнски прибор, но подоцна била пренаменета за муниција.
Слушајќи го советот на неговиот сметководител, кој бил Евреин со полско потекло, Оскар во фабриката почнал да вработува Евреи.
Првично целта му била да заштеди, со тоа што ќе ги плаќа помалку.
Но, штом видел во каква состојба живеат, Оскар почнал да ги сожалува. Па, за да ги спаси од глад и животот во гетото, почнал да „вработува“ и деца и стари изнемоштени лица.
Во 1943 година, германските сили почнале да ги уништуваат еврејските гета во Краков и да ги испраќаат луѓето во концентрационен логор.
Тогаш, Оскар решил да истапи.
Користејќи го своето влијание, но и поткупувајќи многу нацисти, тој конечно добил дозвола да изгради „логор“ во склоп на неговата фабрика.