Не се сексуални работнички, тренираат напорно: Факти за јапонските гејши
Пред да станат гејши, жените имаат многу тешки тренинзи, учат да танцуваат со лепеза, да служат чај, елегантно и грациозно да се движат и да разговараат на секоја тема. Притоа, не е точно дека пружаат сексуални услуги.
Со своите прекрасни кимона, фасцинантни фризури и впечатлива шминка, гејшите се најпрепознатливиот симбол на јапонската култура и историја.
За нивната убавина, грациозност и дисциплина напишани се бројни книги и снимени се бројни филмови, а многу луѓе ја посетуваат Јапонија со надеж дека ќе ги видат, или во најдобар случај ќе ги запознаат.
Сепак, има сѐ помалку вистински гејши.
Неколку факти за гејшите кои можеби не сте ги знаеле:
Првите гејши биле мажи
Оригиналната гејша речиси и не наликува на модерната. Првите гејши биле мажи, таканаречени „таикомочи“, кои се појавиле во околу 1730 година.
Тие личеле на модерни комичари, раскажувачи и музичари, но набрзо биле заменети со танчари, кои ја презеле оваа професија.
Денес, гејшите се исклучиво жени.
Со оглед на нивната подредена положба и статус во општеството, многу жени сакале да станат гејши, бидејќи само така можеле да се образоваат, слободно да се движат и да разговараат со мажите.
Ригорозен тренинг пред да започнат со работа
Традицијата на гејшите е една од најстарите во Јапонија, а експанзија доживеала пред околу 400 години. Предрасудите дека даваат сексуални услуги започнале да се шират во западните земји и не се точни.
Иако некои гејши одлучувале да спијат со нивните клиенти, тие сепак не се сексуални работнички.
Самиот збор „гејша“ на јапонски значи „уметник“ и станува збор за жени кои традиционално ги забавувале и шармирале мажите со музика, танц, песна, читање и духовит разговор.
Професијата гејша е начин на живот
Секоја од нив најпрво поминува низ ригорозен повеќегодишен тренинг, при што се усовршува во танцување со лепеза, свирење инструменти, пишување поезија, сликање, пеење, начин на служење чај, елегантни движења и грациозни гестови.
Тие ја претставуваат илузијата на совршена жена, а со облеката и шминката се претставуваат како такви пред мажите со кои разговараат за сѐ - темите се движат од најобични, тривијални, до сериозни и политички.
Никогаш не го откриваат своето вистинско име, не кажуваат колку години имаат и многу добро знаат како се разговара со срамежливи, незаинтересирани или арогантни мажи.
За да можат да имаат интересен разговор со влијателни клиенти, тие секојдневно читаат весници и следат актуелни информации за политиката и спортот.
Не смеат да стапат во брак, освен ако не ја напуштат професијата, но можат да имаат љубовници, па дури и да родат деца.
Некои од нив оваа професија ја наследиле од својата мајка, а некои биле и принудени да се занимаваат со ова за да преживеат.
Угледот им бил уништен
Со текот на годините, гејшите добиле посебно место во јапонското општество со нивното образование, шарм, убавина, духовитост и интелигенција.
Тие уживале привилегиран статус до Втората светска војна.
Многу девојки кои го практикувале најстариот занает во светот себеси се нарекувале гејши, особено меѓу американските војници кои плаќале за сексуални услуги.
Поради сиромаштијата, многумина биле принудени на проституција, а по враќањето дома, војниците зборувале дека спиеле со гејши и со тоа неповратно им бил уништен угледот на вистинските гејши.
Има сè помалку гејши
Во Јапонија во 1920-тите имало повеќе од 8.000 гејши, а денес ги има само илјада или две.
Тешкиот тренинг, пожртвуваноста, неможноста за брак и создавање семејство се само дел од причините поради кои се намалува интересот за оваа стара професија.
Нивните заедници стануваат сѐ помали, а поради зачувувањето на традиционалната јапонска култура и уметност, тие сè уште се високо ценети.
С. Ш. | Црнобело / фото: pixabay.com