Мојот „еманципиран“ скопски колега смета дека жени не треба да гледаат фудбал „барабар“ со мажите
Жена сум и гледам фудбал! И не чувствувам потреба да се правдам за тоа! Но, нашиот балкански менталитет и предрасудите кои ни го диригираат животот, ме ставија во позиција на обвинета зашто сум гледала фудбал.
И коментаров ми го даде колега од работа, на пауза додека разговаравме за разни теми и некако темата фудбал спонтано дојде, заради Светското првенство кое е во тек.
Зошто сум гледала фудбал? На што личело жена да седне после работа пред телевизор и „барабар“ со партнерот едвај да чека да гледа фудбал? На што личело јас да коментирам за фудбал во друштво?
Најмногу ме погоди неговата констатација дека ние жените сме се фолирале и сме глумеле лудило, а притоа врска сме немале од фудбал.
Жените требало други интереси да имаат, а не да се плеткаат кај што не им е место. Навистина ме изнервира.
Зарем љубовта кон спортот е ексклузивно право на машкиот пол? Многу ми падна криво за колегата, покажа елементарна некултура и примитивизам. Вообичаено не се оптеретувам со тоа кој што кажал за мене, ама ова ме погоди.
Кога цели фамилии седеа пред телевизор и чекаа турска хит серија, никој не рече „Зошто маж да гледа турска серија“.
Никогаш не сум ги делела нештата на машки и женски, во мојот живот и татко ми и маж ми средуваат кујна, готват, чистат, чуваат деца, а јас како жена го правам истото и одам на сервис за колата, доставам антифриз и проверувам масло во колата. Не се чувствувам како машко ако го правам тоа.
Зошто не би смеела да гледам фудбал? Тоа е спорт, сите еднакво уживаме во него, и машки и женски.
Се обиде да ме засрами и понижи пред сите. Не гледам зошто треба да бидам нападната пред повеќе присутни луѓе, зашто ги знам репрезентациите или зашто знам кој играч во кој тим игра.
Напротив, за мене тоа е еднакво право на различни интереси и во тој правец си ги воспитувам и децата. Треба да биде позитивно поздравен интересот на жените за спорт.
Секој може да гледа што сака, јас почитувам спорт и тоа не ме прави помалку жена од останатите жени.
Сите сме вредни, сите имаме свои интереси и треба колективно да престанеме да даваме неумесни коментари и ограничувања за другите луѓе.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кара | Црнобело / фото: depositphotos.com