Одам на помен со кафе и свеќа, таму „all inclusive“ собиранка – се натпреваруваат кој поголемо и поскапо нешто ќе донесе
Поминаа безгрижните денови кога бевме деца и како поминуваат годините, сè почесто сме во ситуација да одиме на гробишта на погреби и помени.
Тоа е животот - циклус, се раѓаш, живееш и умираш, и веројатно во тоа нема ништо страшно.
Она што мене ме вади од кожа во последниве години е новиот начин на организирање помени.
Одам на помен на гробишта, купив 200 грама кафе, букет и свеќи, стигнувам до парцелата и останувам подзината.
Гробот, заедно со уште 2 околу него, со распослани чаршафи, наредени со тон храна, даски со сувомеснато, 2 вида кашкавал, маслинки, похованици, бонбониера и колачиња, погача, плус и кифлички и лиснати мини погачици.
За пиење да не зборувам, како во кафуле да сум отишла, од пиво, вино, ракија, газирани и негазирани сокови, кисела вода, виски (зашто покојниот сакал тоа да пие), кафиња 2 вида, а од секој вид со шеќер и без шеќер варијанта...
На целото ова, семејството спремало и пакетчиња за да раздава по дома, внатре од „пиле млеко“, сè спакувано, а богами и скапо ми се виде.
Луѓето што доаѓаа на поменот како да беа на натпревар кој поскапо и поголемо нешто ќе донесе, од храна до цвеќе.
Некој дошол со автобус, купил 2 свеќи по 5 денари и едно букетче, ама со полно срце. А му правите да се чувствува како натрапник што нема донесено кутија со еклери со дијаметар 15 сантиметри, и тоа од слаткара.
Се чудам како забега светов со размислувањата, одиме да оддадеме чест и почит на драго починато лице, зошто имате потреба да правите циркуз од тоа, во време на ваква немаштија во државичево, едно семејство за да организира таков помен има издвоено најмалку 300-400 евра по моја слободна проценка, плус нели обавезно на попот на рака да му се даде илјадарче, ако не и повеќе (и нив ги фати инфлацијата, нели?).
Кој како стигнува во раце го гледаат што носи, па уште и го имаше оној момент - доаѓа теткава и вели „Земи го ова дома, за вас е, јас го донесов“, демек да не се раздаде по луѓе.
Аххх народе мој, да може покојниот да ви прозбори, веројатно би ве избркал сите што му правите all inclusive собиранка на гроб!
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кара | Црнобело / фото: depositphotos.com