„Моето дете е во пубертет, немам контрола над ситуацијата – неодговорно е, се кара со мене“
„Моето дете овој септември започна со средно училиште. Сите бевме возбудени и под голема тензија дали ќе се запише во првиот уписен рок, дали направи правилен избор. Со мојот сопруг решивме да не се мешаме во неговиот избор, но сепак забележавме дека тоа беше избор кој подлежеше на многу промени. Прво сакаше да учи медицинско, па потоа во консултација со друштвото, смени определба за гимназија. На нашето прашање зошто баш гимназија, добивме одговор од типот: 'Ќе се чувствувам посигурен, сите мои познаници ќе бидат таму'.“
Вака започна дискусијата со родител на тинејџер, што кај мене потегна голем број прашања што сакам да ги споделам јавно.
Како влијае транзицијата од основно во средно училиште кај децата и родителите?
Дали преголемата достапност до сите работи ги прави децата посамоуверени?
Дали ние како родители треба да влијаеме на изборот на средно училиште?
Дали децата се доволно зрели на оваа возраст да донесат одлука која ќе ги оформи во најважните години?
Дали треба да постои институција од психолози кои ќе се занимаваат конкретно со адолесцентската проблематика?
Дискусијата се задлабочи, и отвори и други прашања.... Особено актуелни последниве години.
Булинг. Ниска самодоверба. Преплашеност од неприфаќање на околината. Средното училиште влијае многу на психологијата кај младите. Нови запознавања, симпатии, вечерни излегувања, пороци.
„Јас не сум сигурна дали добро делував на детето со сите стравови кои му ги наметнав, со ограничување на собирањата во доцна во вечерта. Можеби и премногу беше приврзан за мене низ годините, па така не изрази ни желба да оди сам на летување. Сега, тие работи ме плашат зошто наивноста најчесто е исмевана, а со тоа си доаѓаат и други работи на виделина”.
Ние како родители често пати ги лишуваме децата од непријатни искуства, лоши приказни, а всушност нашиот страв знае да биде дополнителен притисок за децата, особено форсирањето. Тоа создава кај децата разочарување, секогаш кога нема да ги исполнат очекувањата на родителите.
Сите деца се различни, па така начинот на растење и созревање е своја приказна. Девојчињата како и отсекогаш – многу понапредни во растот и сфаќањата. Овој период тие се соочуваат со телесни трансформации и многу е важно да им помогнеме да си го засакаат телото што го имаат.
Менструацијата кај девојчињата е исто стресен период бидејќи искуството кажува дека девојчињата веќе се порано „стануваат жени” па затоа многу е важно оваа тема да биде убаво пренесена и поддршката да биде взаемна.
Секако, ова бара малку повеќе време, бидејќи познато е дека промените во пубертетот се тешко прифатливи за децата. Машките пак, повеќе заинтересирани за спортот и седење до ниедно време на компјутер.
Дали ние како родители треба да поставуваме граници и до каде се границите кои се здрави да ги поставиме?
Неколку совети кои можеби ќе ви помогнат:
Бидете партнери со детето и склучете заеднички договор
„Ова не подразбирираше дека немам авторитет како родител, меѓутоа во овој чувствителен период видовме дека сè функционира многу транспарентно, па така колку поголем другар станав со детето, толку поотворена ни беше комуникацијата. Па, така, исклучително е од голема важност да се слушаме меѓусебно”.
Границите ќе бидат тестирани
Сосема нормално е вашето дете да ве „тестира”, па со кршење на договорот ќе наидете на извинувања и жалби „Мамо, извини, нема да се повтори…“, “Тато, згрешив, ќе се поправам во иднина” ….
Во овој момент, некои родители не можат да издржат, па „замижуваат”, што подоцна резултира со лоши последици. Со секое ваше простување, границата ќе се поместува. Нормално, понекогаш е здраво да има и некакви санкции за секое прекршување на договорот.
Психолозите ќе посведочат дека ова е време кога децата преоѓаат во еден нов систем на одговорност и подготовка за самостоен живот.
Адолесценцијата е промена за детето, но и за самиот родител. Одеднаш веќе на детето не треба да гледате како дете, туку како рамноправен на вас и да се обидете да влезете во неговиот свет. На тој начин и вашата контрола врз него ќе биде толку незабележлива.
Затоа треба да растеме со нив, да ги разбираме и пред сè да ги почитуваме нивните потреби и желби, како би можеле полесно да преговараме со нив и да ги пребродиме тинејџерските денови.
Може да понудите различни можности преку кои вашето дете-адолесцент ќе го осознава пубертетот преку книги, музика, филмови и преку различни модели со кои може да се идентификува, како и преку различните приказни за ова искуство.
На тој начин целиот пресврт и промените ќе се прифатат полесно и побрзо.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М.У.Т. | Црнобело
фото: pexels.com; freepik.com