Посакувам да има некој да ми ги чува децата и да „киднам“ на одмор – дали сум лоша мајка?
Посакувам само на еден ден некој да ги причува и да може да си дозволам да бидам неодговорна. Да бидам повторно млада, безгрижна и прво да бидам жена наместо мајка? Дaли сум лоша мајка затоа што очајно ми треба одмор и понекогаш посакувам да имаше кој да ми помогне?
Алкохол не сум се напила во последните шест години... Не помнам кога последен пат сум излегла со пријателките на кафе без деца.
Романтични вечери со сопругот – тоа е мисловна именка. Секое излегување од домот е долга подготовка која подразбира пакување шишиња со течности, резервна облека, пелени и секако сѐ друго што е потребно за две мали деца.
Одењето на пат и на одмор е сосема друга приказна. Ќе наполниш полн багажник со сѐ што може да затреба за децата, а за себе ќе спакуваш едно мало торбиче, стуткано пред нозете (ако има место од торбата полна со грицки, сокчиња и сѐ друго што може да затреба за на пат).
Смеам да го заборавам мобилниот телефон, но не смеам да ги заборавам нивните играчки за во автомобил. Смеам сѐ друго да заборавам, но не смеам да го заборавам она што ним им е потребно.
Постојано така во круг – во последните шест години. Постојано будна, постојано свесна, трезна и подготвена за нови предизвици...
Подготвена за падови, за раскрвавени коленици, исфлекани блузи и разлеан сладолед. Подготвена и посветена на тоа да бидам тука за нив.
И не, целиот товар не паѓа врз моите плеќи затоа што тоа е мој избор, затоа што не добивам или одбивам помош - туку едноставно така се случи.
Во мојот случај, немаме баби, тетки и дедовци. Бабите и дедовците се починати, тетките и вујковците живеат далеку и доаѓаат еднаш во пет години, па јас и сопругот сме сами оставени да се грижиме по 24/7 за две малолетни дечиња.
Тоа значи дека нема ден за одмор. Секој ден си доаѓаме од работа и наместо да седнеме и да одмориме, ги распоредуваме сите обврски поврзани околу децата.
Перење облека, пеглање, готвење храна, подготвување ужинки, подготвување сокчиња, миење садови, миење шишиња... Секое излегување подразбира детална анализа на местата дали се погодни и безбедни за деца, со какви предизвици можеме да се соочиме.
Изборот на плажа се сведува врз основа на тоа дали има плиток брег, дали е лесно пристапно за деца, дали во близина има храна, вода за миење, и секако, бегаме од местата преплавени со шарени излози, затоа што никој не сака да се справува со дете кое вреска:
„Купи ми.... Купи мииииии!“.
Одењето во супермаркет е вистинско патешествие во кое 20 минути се бркаме со нив и постојано мора да внимаваме да не ни ги дополнат корпите со непотребни производи...
Не, не сакам да кукам и да се жалам. Среќна сум што сум мајка и се чувствувам благословено што ја добив можноста да бидам родител, но понекогаш кога сите ќе заспијат, лежам будна, задоволна и среќна што конечно е тишина.
„Колку ги сакам кога спијат“ – си помислувам.
И додека стискам палци мирот да потрае и да не биде прекинат од ненадеен плач, си помислувам:
„Боже. Колку би било добро да може некој да ме замени барем на еден ден... Само еден ден, да излезам и безгрижно да одам да се напијам кафе со пријателките. Да прошетам, да одам на плажа и да пливам без да ми биде страв да се оддалечам од децата...“
Размислувам за моите родители, кои иако живееја во различни градови со моите баби и дедовци, барем двапати во годината наоѓаа начин да одат на гости кај нив или да ги викнат бабите да дојдат и да нѐ остават дома и да излезат.
„Здодевна“, „затворена“, „пензионер“ - со овие зборови голем број од луѓето ме опишуваат затоа што не можат да сфатат дека најчесто одбивам премногу да шетам, затоа што излегувањето со мали деца понекогаш е вистинско малтретирање.
Кафето во кафуле го пиеш набрзина, свесна дека ако 2-годишниот диктатор ти рече дека мора да станеш, ќе станеш затоа што во спротивно следуваат тантруми и трескање од ѕид, па чудни погледи од луѓето од страна и одмавнување со глава.
Дали сум себична затоа што понекогаш посакувам да имаше некој да ги причува и да можам да излезам? Дали сум себична што некогаш посакувам да можев некому да ги оставам и да одам на една недела на одмор?
Дали сум лоша мајка затоа што сум свесна дека животот поминува и дека додека чекам децата да пораснат, ми поминуваат годините, а нивните потреби само повеќе и повеќе растат?
Дали сум себична затоа што посакувам барем еднаш да се ставам себеси пред сите и да почувствувам дека не сум само мајка, туку сум и жена?
Дали сум лоша мајка затоа што стравувам дека еден ден кога ќе погледнам во огледалото повеќе нема да се препознаам себеси, а покрај гордоста што ќе ја чувствувам за сопствените деца, знам дека потајно ќе кријам и гнев и бес за она што сум можела да го направам, но не сум постигнала затоа што додека сум се грижела за нив, сум заборавила што значи да се грижиш за себеси и за сопствените потреби?
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело
фото: depositphotos.com