„Проколнатите“ дечиња кои плачат – најпознатите слики во поранешните ЈУ простори (фото)
Сликата на расплаканото момче е популарна репродукција што можела да се види закачена на ѕидовите на секоја втора куќа во поранешните југословенски земји. Сепак, малкумина знаат за легендата и проклетството што ја крие оваа слика.
Оригиналното дело, направено по пример на бројни верзии и репродукции на расплакано момче (но и девојче), го насликал италијанскиот уметник Џовани Браголин, а по 1950-тите, репродукцијата била широко дистрибуирана низ светот.
Според истрагата, Џовани Браголин (1911-1981) бил псевдоним што го користел шпанскиот сликар Бруно Амадио, уште познат како Франшот Сервил.
Уметникот починал во 1981 година, а никој не можел да му влезе во трага и да ја потврди неговата приказна.
Првиот мистериозен настан што почнал да предизвикува контроверзии за расплаканото детско лице се случил на 5 септември 1985 година.
Во тој временски период, британскиот таблоид The Sun објавил приказна од Есекс, цитирајќи пожарникар кој изјавил дека неоштетени верзии на сликата биле пронајдени во куќите кои пак биле целосно опожарени. Никој не можел да објасни како се случило ова.
Суеверието си ја завршило својата работа, па набрзо сликата била прогласена за опседната. Пожарникарите кои тогаш биле единствените што знаеле за необичниот случај, го тргнале ова дело од своите домови, сметајќи дека привлекува несреќа.
Биле потребни малку повеќе од два месеци за масовно да се прошири урбаната легенда за опседнатата слика.
Британскиот комичар и новинар Стив Пант се зафатил малку посериозно со оваа тема. Тој снимил емисија која го обработила феноменот со сликите, продуцирана од BBC Radio 4.
Истражувајќи ја историјата на сликата и нејзините репродукции, Пант дознал дека репродукциите се направени на посебен начин – со премачкување на нивната површина со специјална материја која е тешко запалива.
Тоа го довело до заклучокот дека кога пожарот ќе стигнел до спорната слика, прво ќе изгорела врвката на која висела сликата, а потоа сликата ќе паднела на подот со лицето надолу и така останувала недопрена.
Дали и вие имавте некаква репродукција „на времето“ од сликите на Џовани Браголин во домот?
(О)Милена | Црнобело