Скопски газда им скратил по 500 денари од плата на вработените за да направи новогодишна забава
Вработените отишле на забавата, гневни затоа што треба сами да платат за сѐ, со парите што не им биле културно побарани, туку изнудени на најнечовечен можен начин. И наместо да ја поминат вечерта со по една пијачка, вработените пиеле како да им е последно, изеле сѐ што можело да се изеде, за на крај газдите да станат и да си одат и да им наредат на келнерите да почнат да им наплаќаат за нарачките...
Доаѓаат новогодишните празници. Време на новогодишни декорации, купување подароци и, секако, корпоративните забави кои се неизбежни и кои за некои газди се начин да им се заблагодарат на вработените за успешно завршената година, а за други „обврска“ од која сакаат да избегаат.
Во овој период, угостителите „тријат“ раце и нудат најразлични понуди за компаниите, а за некои вработени ова е можност барем на една вечер да се опуштат со колегите и да уживаат на сметка на компанијата каде секојдневно поминуваат поголем дел од своето време.
Некои компании и фирми закажале забави порано, уште на почетокот на декември, со цел да ги избегнат претпразничните гужви и да платат поевтино, а други чекаат до последен момент, но без разлика на сѐ, забава најчесто се организира.
Но, приказнава што ја слушнав пред некој ден, навистина ме изненади. Можеби, затоа што сум човек што сака да игра со отворени карти и не сака евтини трикови и заткулисни игри, а можеби и затоа што сите живееме во едно општество каде вредностите се искривени и заборавени.
Така, според раскажувањето на една моја блиска личност, на неговиот газда во фирма во Скопје не му било доволно тоа што нашол добар термин порано, туку одлучил и вработените да му ја платат забавата.
Како? Па лесно, само одлучил да ги казни линеарно сите вработени со по 500 денари од плата, на денот на забавата, и тоа за банални причини. На фирма со 100-тина вработени ова е сериозна сума, нели!?
Некој добил казна затоа што претходниот ден си заминал 5 минути порано, иако претходно најавил дека мора да си оди, а други затоа што не биле доволно брзи во работењето во текот на целата година.
Како и да е, за сите нив, менаџерот скроил по некоја причина заради која заслужиле да си платат по 500 денари, иако претходно не биле опоменати, ниту пак се соочиле со какви било проблеми.
„Ние не сме глупави, знаеме дека е заради прославата, за сами да си ја платиме“ – ми раскажува пријателот.
И што се случило понатаму? Па ете, вработените отишле на забавата, гневни затоа што треба сами да платат за сѐ, со парите што не им биле културно побарани, туку изнудени на најнечовечен можен начин, и наместо да ја поминат вечерта со по една пијачка, сите пиеле како да им е последно, изеле сѐ што можело да се изеде, за на крај газдата и менаџерите да станат и да си одат и да им наредат на келнерите да почнат да им наплаќаат за нарачките...
Си седам така и си размислувам...
Дали е проблемот во 500-те денари? Не, сигурна сум дека ако културно им кажеле дека компанијата не е во можност да плати, секој од вработените би издвоил доброволно од својот буџет и секако забавата ќе поминела многу подобро и без некому да му се расипе расположението.
А вака? Па големиов газда само си го навлекол гневот на вработените и целосно ја промашил целта на забавата: наместо да креира лојални вработени кои следната година ќе работат понапорно за доброто на сите, создал уште поголема нервоза и незадоволство кај нив.
И воопшто не зачудува што сите во компанијата се со една нога внатре, а со другата постојано бараат начин како да се извлечат и да избегаат, а газдава постојано се соочува со неочекувани откази и потрага по нови вработени.
Колку вредат 500 денари? За некого се 2 кафиња во кафуле, а за друг се 50 пакетчиња смоки за децата, или неколку литри млеко. За некого не се доволни ниту да оди на еден појадок, а за друг тоа е буџетот што го троши за да јаде во текот на пет работни дена.
За некого топол бургер, за некого ѓеврек и јогурт...
Но, такво ни е секојдневието, а се надевам дека скопскиот газда си ја научил лекцијата и дека сфатил оти нема потреба да им ја потценува интелигенцијата на вработените без разлика на нивната образовна подготвеност.
На крајот на краиштата, ако дошло до казнување на вработените, тогаш немало потреба ниту да се прави забава – нервозните вработени не се добри за забава, туку се жедни за одмазда и да ја исправат неправдата што им била нанесена.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: freepik.com