„Син ми носи само скапи патики, а не од пазар“ – останав без зборови по одговорот на сосетка во мал македонски град
Го гледам детето како пресреќно си оди дома, скока од радост затоа што новите патичиња купени од пазар му светкаат и вика на цел глас: „Види, мамо, што ми купи стрина!“ А дома, на врата го пречекува мајка му видно згрозена од тоа што нејзиното дете го носи на нозете...
Кога говориме за воспитувањето на децата, често се прашувам зошто мора од најмали нозе на децата да им укажуваме на тоа дали подарокот што го добиле е скап или не? Дали само скапите подароци се вредни за чувањe и дали мора да подаруваме само скапи работи?
Сите си имаме свој начин како да се справиме со несаканите подароци – некои експресно ги подаруваат на други луѓе, други можеби ќе ги фрлат, трети, пак, имаат грижа на совест и ќе ги чуваат за да не види тој што им ги подарил дека не им се допаѓаат...
Како и да е, правилото е просто и едноставно: не треба да покажете дека не сте импресионирани од подарокот, туку да се заблагодарите и да прифатите дека, ете, некој сепак помислил и на вас...
Но, што треба да правиме кога подарокот не ни се допаѓа, не затоа што не е убав, туку затоа што не е доволно скап за нашите стандарди?
Пред неколку години сосема случајно бев сведок на настан што секогаш ќе го помнам и што многупати ме натерал да се подзамислам, за тоа колку ние како луѓе некогаш сме бесчувствителни и безобѕирни.
Не бев ниту свесна дека утринското кафе на терасата кај мајка ми ќе ми донесе мошне важна животна лекција.
Во малото гратче каде што живеев порано, во моја близина живееја две жени, кои беа блиски роднини. Едната беше побогата, а нејзината јатрва беше посиромашна, невработена жена со две деца и маж кој работи општа работа.
Живееја сложно, куќа до куќа, но различниот финансиски статус беше мошне видлив.
Еден ден, посиромашната жена сакала да го израдува детето и го однела на пазар и оттаму му купила евтини патичиња што светкаат.
Додека го пиев кафето, го гледам детето како пресреќно си оди дома, скока од радост затоа што патичињата му светкаат и вика на цел глас:
„Види, мамо, што ми купи стрина!“
А дома, на врата го пречекува мајка му видно згрозена од тоа што нејзиното дете го носи на нозете, па за да слушнеме и ние соседите, гласно му одговара:
„Леле мама, зошто такви патики носиш, па нели јас ти купив скапи патики вчера, кај ти се?“
Никогаш нема да го заборавам ликот на другата жена: засрамена, понижена, обезгласена, ја наведна главата и си замина дома... А зошто?!
Затоа што сакала да направи нешто убаво и да го израдува своето внуче, во рамки на сопствените можности. Но, наместо учтиво „благодарам“, добила јавно понижување пред сите соседи затоа што не е доволно богата за да купи скап подарок.
Не сме еднакви и не можеме да бидеме кога едното дете носи патики од пазар, а другото дизајнерски, но тоа не е причина некој да ни се потсмева или да прави да се чувствуваме помалку вредни.
Не велам дека сите луѓе се такви, како оваа мојава богата сосетка. Секако има исклучоци, има луѓе што знаат да проценат дека на крајот на краиштата, важно е тоа што некој имал добра мисла и во рамки на сопствените можности одлучил да направи нешто убаво за нив и за нивното дете.
Знаат да ценат дека не е најважно подарокот да биде скап, туку да биде даден од срце, па така и ги воспитуваат сопствените деца.
Но, што правиме со оние што не се такви? Треба ли да земеме кредит за да им купиме најнов модел на телефон и да се отсрамиме? Да позајмиме за да им купиме дизајнерска облека?
За крај, само да прашам: Кој ги учи децата дека само скапите работи се вредни за спомнување, и дека само скапите подароци треба да се чуваат?
Кој ги учи дека нештата треба да се вреднуваат само според нивната цена и марка, а не според тоа дали им се потребни?
Ако не сте сигурни колку некоја личност вреди, доволно е само да направите мал тест: Купете некој евтин подарок и подарете го од срце – и нема потреба да се чувствувате засрамено ако некој не ви возрати со искрена насмевка и „благодарам“ за тоа.
Тоа значи дека таа личност воопшто не го ни заслужила вниманието што сте го посветиле.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело