„Драго девојче во зелениот костим за капење...“ – писмо на кое треба да се сетиме секое лето
Виралното писмо кое почнува со зборовите „Драго девојче во зелениот костим за капење...“ е нешто што треба да го читате на почетокот од секое ново лето.
Писмото, напишано пред неколку години од Џесика Гомез, сведочи за тоа колку е безначајна нашата суштина. Не е важно дали сме генијални, креативни, интелигентни, културни, нежни, упорни и вредни. Важно е само да сме убави, привлечни и модерни.
Затоа се криеме. Ги криеме младежите, нашите килограми – помалку или повеќе, лузните кои сме ги стекнале низ животот... Поради тоа постојано си ги подместуваме блузите, здолништата, си ја фотошопираме реалноста...
За сето ова, идеално е писмото во продолжение, затоа детално посветете му се - го пренесуваме во целост:
„Драго девојче во зелениот костим за капење,
Јас сум жената која седи на пешкирот покрај тебе. Жената што пред малку дојде со две мали дечиња, момче и девојче.
Пред да почнам, сакам да ти кажам дека е прекрасно што седам во твоја близина и ќе споделиме дел од просторот и времето на исто место и воздухот кој е исполнет со вашата смеа, музика и разговори.
Ти пишувам затоа што сакам да ти кажам дека мојот поглед застана на тебе. Те видов и не можев да те избегнам, а да не забележам.
Видов дека ти последна се соблече. Видов дека беше зад сите останати во групата, дека ја соблече маичката кога никој не гледаше, за да не привлечеш внимание. Но, јас те видов.
Видов дека седиш на пешкирот во внимателно одбрана положба, прикривајќи си го стомакот со рацете.
Видов како ја виткаш косата зад ушите, спуштајќи ја главата за да можеш да ја дофатиш, како не би ги мрдала многу рацете кои ти го кријат стомакот.
Видов како стануваш и одиш да се избањаш, но попатно нервозно голташ кнедла бидејќи мора да ја почекаш другарката, изложена на погледи и повторно ги користиш рацете за да се покриеш. Пробуваш да ги покриеш стриите и целулитот.
Видов дека ти е непријатно бидејќи двете раце не постигнуваат да ти го сокријат телото истовремено, додека од друштвото се оддалечуваше дискретно, на ист начин како што ја соблече маицата.
Не знам дали таа твоја непријатност сама со себе е некако поврзана со начинот на кој твојата другарка ја пушти косата драматично, на совршените раменици, на кои недостасуваа само Victoria's Secret крилја. А, ти во меѓувреме гледаше во земја. Бараше некое бегство во себе, пробуваше да се сокриеш.
Драго девојче во зелен костим за капење, би сакала да ти кажам многу работи... Можеби затоа што пред да станам „госпоѓата со деца,“ бев таму, на твојот пешкир.
Кога би го вратила времето, едноставно би одбрала да се забавувам, наместо да се грижам и да си ја намалувам својата вредност.
Би сакала да ти кажам дека видов дека во чантата носиш книга, и да, каков и да ти е стомакот на твоето 17-годишно тело, ќе го изгубиш неговиот облик попрво отколку што ќе го изгубиш богатството во умот.
Би сакала да ти кажам дека имаш прекрасна насмевка и дека е штета што немаш време повеќе да се смееш.
Би сакала да ти кажам дека твоето тело поради кое се срамиш е прекрасно само затоа што е младо. Прекрасно е затоа што е живо. Поради самата причина што те прави она што си и ти прави друштво што и да правиш.
Би сакала да можам да ти кажам дека еден ден некој човек вистински ќе те сака поради тоа каква си, а не поради тоа какво ти е телото. И притоа ќе ти го обожава телото, со секоја кривина, секое негово делче, секоја негова линија или младеж.
Би сакала да ти кажам, и те молам да ми веруваш, дека си совршена баш ваква каква што си, прекрасна во својата несовршеност.
Но, знаеш што? Дојдов со мојата ќерка, онаа во розовиот костим за капење, онаа што си игра и целата е извалкана со песок. Нејзината единствена грижа денес е студената вода.
Тебе не можам да ти кажам многу, но на неа ќе и кажам баш сè!
И на неа, и на мојот син.
Бидејќи, тоа е начинот на кој заслужуваме да бидеме сакани и тоа е начинот на кој треба да сакаме.“
М. Д. | Црнобело