Ниту сум јас недомаќинка, ниту маж ми е папучар – работите дома ги завршуваме заедно!
На крајот на денот убаво е кога некому ќе му го направиш денот и ќе му дадеш приказна за раскажување, а сигурно со кафенце сосетките си помуабетиле како јас се шетам, додека сопругот ми ја чисти куќата.
Кај нас дома не се знае кој - што работи... Можеби во прв миг ќе ви звучи како фалење, ама така е: јас кречам, маж ми мие садови, јас одам во продавница, маж ми чисти со правосмукалка и обратно, машка и женска работа кај нас нема.
На крајот на денот воопшто не е важно кој што сработил, важно е работата да биде завршена. И така функционираме веќе десет, единаесет години.
Понекогаш таквиот однос знае да биде и непрактичен, да си се мешаме во работата, да се потскараме, ама ете функционираме – не дошол момент да си речеме вака не бива, ова не е живот и слично.
Не дека нема отстрана зајадливи коментари, не дека не сме предмет на озборување, не дека на некои луѓе воопшто не им е јасен нашиот концепт на живот.
Нормално е да не им е сфатливо на другите како функционираме, особено на оние што живеат во сѐ уште доминантни патријархални семејства и некој си точно утврден редослед на извршување и поделба на работите и обврските, па не можат да ни го најдат крајот и да ни стават некаков ред.
Не се трудете, сами не можеме да си го најдеме редот, кај нас дома не е битно кој што работи – битно е работата да се заврши!
Е, за тоа како околината нѐ доживува, баш за тоа сакам да зборувам.
Пред некој ден, се погоди да бидеме и двајцата слободни. Ги однесовме децата во градинка и викаме ајде да се фатиме за работа. Не, за таква работа де...
Да си исчистиме по дома, да средиме, да им биде чисто на децата кога ќе си дојдат дома, бидејќи чистење со деца колку и да сакаш – не бива.
Едното земало да си игра со правосмукалката, на другото интересно му било средството за чистење, па место да се сконцентрираш на работата, цело време мора и на нив да внимаваш.
Затоа велам, најдобро се чисти кога децата не се дома.
Си отворивме терен, јас со крпата да избришам прашина, да средам алишта, сопругот со правосмукалката да фати подот, пајажините...
По некое време, јас завршив со мојот дел, па викам ај да одам и до продавница да наполнам фрижидер, маж ми ќе заврши таман со неговиот дел...
Се враќам дома со полни ќеси, правосмукалката се слуша кај мене, се чисти уште на големо.
Ја гледам сосетката и нормално како секој воспитан човек ѝ велам „добар ден“, а таа гледа: де во мене, де кон мојата врата...
Искрено, мислев дека затоа што е повозрасна жена, не ме познала, ама после ми текна што ѝ беше чудно во целата ситуација: Ако јас сум надвор, тогаш зошто работи правосмукалката кај мене дома!?
Е, ајде де! Што е чудно во целата ситуација? Тоа што и маж ми знае да ракува со „врвот на технологијата“ или тоа што и мажот работи по дома, не за себе или за мене, туку за себе и сопствените деца?
Како и да е, целава оваа приказна има и поента, бидејќи нели не ми е поентата само да се фалам, туку и да извлечеме и некоја поука. Со тоа што ги поделивме обврските, наместо цел ден сама да бидам роб на куќата, заедно со сопругот ги завршивме обврските за два часа.
Остана време и за шетање со децата и за дружење и за сѐ друго. А другите нека гледаат и нека се чудат.
Ниту сум јас недомаќинка, ниту сопругот е папучар, а луѓето што немаат друга работа ќе си гледаат и ќе си (о)зборуваат.
На крајот на денот убаво е кога некому ќе му го направиш денот и ќе му дадеш приказна за раскажување, а сигурно со кафенце сосетките си помуабетиле како јас се шетам, додека сопругот ми ја чисти куќата.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело