За оние кои до 12 часот се мразат себеси, а после пладне и сите останати во светот…
За оние што си го ставаат носот како зачин во сечија, туѓа манџа.
За оние што не ги почитуваат другите.
За оние што не нудат помош и не подаваат рака на некој што е во неволја или мака, иако може многу лесно да го сторат тоа, со еден повик или малку труд и напор.
За оние што не го почитуваат туѓото време, што доцнат и никогаш не се извинуваат.
За оние што навлегуваат во нечиј туѓ простор, како физички, така и ментално.
За оние кои не умеат да слушаат, туку постојано прекинуваат додека некој зборува, се обидуваат да го надвикаат и да го пренасочат разговорот кон нив и НИВНИТЕ поголеми проблеми и маки.
За оние кои живо се интересираат за твоето образование, твојата работа, твојата плата, твојата врска, брак, твојата матка, без да си гледаат за себе.
За оние кои не умеат да се израдуваат на туѓата среќа, а се ситат и хранат од туѓата несреќа.
За оние кои до 12 часот се мразат себеси, а после пладне и сите останати во светот.
За оние кои никогаш немаат убав збор, убав гест за некој друг.
За оние кои мислат дека тревата е секогаш позелена и побујна во дворот на комшијата, на кој воедно сакаат и да му цркне козата.
За оние кои не умеат да се насмеат и да му се израдуваат на животот…
Не прашувајте се зошто животот ви е таков и зошто сè лошо ви се случува вам.
Подобро и не може да ви се случи.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не се ставови на целата редакција на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело